За време на средбата, претставниците на НМСМ ги претставиле нивните намери и уверувања за важноста на менталното здравје кај младите, особено по ковид – кризата со која се соочуваше светот во изминатите години. Од страна на претставниците било посочено дека стратегијата веќе била на расправа во Собранието со Клубот на млади пратеници, се наведува во соопштението.
Стратегијата, како што се појаснува во соопштението, се фокусира на проактивни мерки за спречување проблеми со менталното здравје кај младите и стратегии за рана интервенција за идентификување и решавање на проблемите во рана фаза.
„Истата ја нагласува потребата да се подигне свеста за менталното здравје на младите, да се намали стигмата и да се промовира писменоста за менталното здравје кај младите, родителите, образовниот кадар и пошироката заедница“, се додава во соопштението.
Министерката на состанокот истакнала дека оваа средба соодветствува со моменталните заложби и интереси на Министерството за труд и социјална политика. Тренчевска нагласила дека менталното здравје е фокус на работата на министерството, како и дека тоа се потврдува со кампањата „Оди и зборувај“ („Walk and talk“), каде младите активно се вклучуваат во разбивање на стигмата за менталното здравје.
Тренчевска ја потенцирала нејзината поддршка за усвојување на ваква стратегија, затоа што тоа ќе доведе до исполнување на заедничката цел – благосостојба на младите.