Премиерот изјави дека на средбарта, во организација на ИРИ, заедно со невладиниот сектор и дел од членовите на Владата, имале можност да поразговараат за една тема којашто, како што рече, претставува акутен проблем за нас како држава, а тоа е високото ниво на криминал и корупција и борбата против нив.
„Како дополнување зборувавме и за доброто владеење, нешто коешто исто така претставува императив за оваа Влада. Се надевам дека во периодот којшто следи сите овие разговори ќе имаат свој ефект врз работењето на Владата. Да бидам попрецизен, убеден сум, бидејќи од страна на Владата постои огромна желба, но истовремено и посветеност токму кон овие проблеми коишто се акутни во Македонија како држава“, рече Мицкоски.
Тој изрази благодарност до Меѓународниот републикански институт и задоволство што може да присуствува и да разговара со невладиниот сектор, бидејќи, како што рече, борбата со криминалот и корупцијата мора да биде одлучна.
„Без да победиме во таа борба не можеме да имаме развиена држава, не можеме да имаме подобри услови и подобар стандард на граѓаните“, нагласи премиерот.
„Како Влада имаме за цел да направиме сè што е во наша моќ да обезбедиме подобри услови за живот, но и подобар стандард за нашите граѓани, бидејќи тоа е она коешто граѓаните од нас го очекуваат и тоа е она за коешто тие гласаа и на претседателските и на парламентарните избори“, рече Мицкоски, додавајќи дека заедно со невладиниот сектор и заедно со Меѓународниот републикански институт, убеден е дека ќе биде направено многу.