сабота, 21 декември 2024

„Монструм“ и „Диво Насеље“ во фокусот на средбата на Филков со Хаџиу

Министерот за правда Игор Филков денеска во Приштина остварил работна средба со косовската министерка за правда Албулена Хаџиу, на која биле разменети искуствата и добрите практики во реформските процеси, а било разговарано и за судските случаи „Монструм“ и „Диво насеље“.

Објавено на

часот

Сподели

„На средбата беше дискутирано и за две отворени прашања од интерес на двете земји. Разговарано беше за случајот ‘Монструм’, за којшто од косовска страна беше презентирано дека барањата за екстрадиција се процесуирани од страната на Јавното обвинителство и дека веднаш откако ќе биде донесено решение или ќе имаат конкретни информации за истото ќе го информираат Министерството“, соопшти Министерството за правда.

Во случајот „Монструм“, за петкратното убиство кај Смилковското езеро во 2012 година, Македонија бара екстрадиција на осудените на доживотен затвор Алил Демири и Африм Исмаиловиќ.

Во однос на барањата на Косово за случајот „Диво насеље“, министерот Филков посочил дека сите предмети се земени во работа и дека се постапува со нив согласно националното законодавство и сите меѓународни стандарди.

За пукањето врз македонската полиција во мај 2015 година во кумановксата населба Диво Насеље со затворски казни осудени се вкупно 33 лица за тероризам и терористичка организација, од кои 17  имаат косовско државјанство и бараат казната да ја издржуваат во косовските затвори.

Двајцата министри ја искажале својата определба да продолжи соработката меѓу двете институции во насока на остварување на заедничките заложби. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ