сабота, 27 јули 2024

Монголија погодена од најстудената зима во последните 50 години, угинаа милиони животни

Монголија се смрзнува во најострата зима во последниов половина век со екстремни услови кои досега убија повеќе од 4,7 милиони животни и ја загрозија егзистенцијата и снабдувањето со храна за илјадници луѓе, предупреди Меѓународниот Црвен крст, а пренесува Си-ен-ен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тешките услови, познати како џуд на монголски, се карактеризираат со пад на температурите, длабок снег и мраз што ги покриваат пасиштата и го прекинуваат пристапот до добиточна храна.

Околу 300.000 луѓе во Монголија се традиционални номадски сточари и зависат од својот добиток, козите и коњите за храна и за продажба на пазар.

„Оние луѓе кои целосно зависат од својот добиток за опстанок, осиромашија за само неколку месеци“, рече Александар Матеу, регионален директор на Црвениот крст за Азија и Пацифик. „Некои од нив веќе не можат да се прехранат ниту да ги топлат своите домови“, рече тој.

Од ноември, најмалку 2.250 сточарски семејства изгубиле повеќе од 70% од својот добиток. Повеќе од 7.000 семејства сега немаат пристап до соодветна храна.

Три четвртини од земјата е зафатена со џуд, но се очекува условите да се влошат со текот на зимата. „Сега е пролет, но зимата во Монголија се одолговлекува, сè уште има снег на земјата и добитокот сè уште умира“, рече Матеу.

Монголската влада минатиот месец прогласи состојба на зголемена готовност која ќе трае до 15 мај, а во вторникот Црвениот крст упати апел за олеснување на страдањата на луѓето кои останаа без средства за егзистенција.

„Дури и со високо ниво на подготвеност, каков што беше случајот со Монголија оваа и претходните години, не е адекватно справувањето со екстремните услови“, рече Матеу. „Се подготвувавме долго време, но размерот сепак нè изненади“, рече тој.

Џуд нанесе голема економска штета за сточарите и предизвика прекини во патувањето, трговијата и пристапот до здравствената заштита и образованието за многу Монголци, особено оние што живеат во руралните области, бидејќи обилниот снег го отсече пристапот до патиштата.

Зошто овогодинешниот џуд е толку катастрофален?

Пастирските семејства често се преселуваат со годишните времиња, патувајќи преку огромните пасишта во земјата за да најдат нови пасишта за напасување на својот добиток.

Тие ги користат летните месеци за одгледување сточна храна, трева и земјоделски култури за животните да им преживеат во текот на зимата. Иако се навикнати на сурови зими во Монголија, џуд или „катастрофа“ доаѓа кога летните суши се проследени со обилни снежни врнежи и екстремен студ.

Температурите паѓаат под -30 степени Целзиусови, но и уште пониско. Снежните врнежи оваа година беа најобилни во последните 49 години, покривајќи 90% од земјата во својот врв во јануари.

Минатогодишното лето започна добро со обилни врнежи. Но, големиот пад на температурите и раните снежни врнежи во ноември претходеа на наглото зголемување на температурите, што предизвика топење на снегот, според ОН. Потоа следеше продолжено заладување, кое во некои области предизвика температури и под -40 Целзиусови степени.

Сега Монголија е погодена со двоен џуд, што значи дека многу длабок снег ги спречува животните да стигнат до трева, а во исто време пасиштата се замрзнати. Ваквите услови досега предизвикаа смрт на најмалку 4,7 милиони животни.

Џуд станува се почеста појава во Монголија, па пасиштата и сточарите немаат време да закрепнат меѓу периодите на екстремни временски услови.

„Џуд стана цикличен и се почест. Ги имаше шест во последните 10 години, а овој е убедливо најлош. Порано се случуваа ретко, сега се случуваат често“, изјави Матеу.

Монголија е една од најпогодените земји од климатската криза, со просечната температура на воздухот зголемена за 2,1 Целзиусов степен во изминатите 70 години, според Програмата за развој на ОН (УНДП).

Климатските промени предизвикани од човекот ги нарушија четирите различни годишни времиња во земјата, што доведе до зголемување на постојаните летни суши и последователни сурови зими, според агенциите на ОН.

Се предвидува дека ефектите од овогодинешната криза ќе бидат поголеми од оној џуд што ја погоди Монголија во 2010 година и може да убие повеќе од 10 милиони грла добиток, според ИФРЦ.

„Сведоци сме на многуте борби со кои се соочуваат многу сточарски домаќинства, од губењето на скапоцениот добиток до товарот на финансиските тешкотии, ограничените ресурси и огромните притисоци врз менталното и физичкото здравје на луѓето“, рече Олга Џумаева, раководителка на Црвениот крст во Источна Азија.

„А сепак, ја гледаме непоколебливата надеж и издржливоста на толку многу семејства додека се борат со зимата со неверојатна сила. Постојаното угинување на добитокот, намалените ресурси и влошувањето на условите за стотици илјади луѓе во Монголија оваа зима се јасен потсетник за разорниот ефект на климатските промени и испораката на итна помош во Монголија“, заклучи таа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ