Од МОН велат дека по неколкудневни разговори со БРО нашле преодно решение за непречена реализација на воспитно-образовниот процес за учениците од седмо одделение за кои нови учебници наместо во оваа ќе ги има во следната учебна 2025-2026 година.
„За оваа цел е донесена и одлука за одложување на имплементацијата на Концепцијата за основно образование, во седмо, осмо и деветто одделение. Предизвикот со генерацијата ученици кои од септември ќе бидат седмо одделение настана поради тоа што досега не беа изработени нови учебници за нив, согласно новите наставни програми и Концепција. Иако претходното раководство јавно информираше дека сите учебници се изготвени и се печатат, реалноста е дека ниту еден не е испечатен, а најголем дел не се ниту изработени, ниту одобрени“, информира МОН.
Министерството за образование и наука во соопштението изразува благодарност до директорот на Бирото за развој на образованието, Абдулфета Фетаи, и до сите кои учествувале во процесот на изнаоѓање решение и, како што наведува, „очекува продолжување на добрата соработка во интерес на учениците и нивна квалитетна едукација“.
„Информираме дека целосно нови учебници за седмо одделение ќе има од учебната 2025-2026 година. Доколку Концепцијата за основно образование која влегува во процес на ревидирање, согласно мислењата на наставниците и другите засегнати чинители во воспитно-образовниот процес, биде изменета и има потреба, ќе бидат изготвени и нови наставни програми и учебници и за другите одделенија“, соопшти Министерство за образование и наука.