Како што информираат од МОН, концепцијата за реформи во гимназиското образование е изготвена со цел да обезбеди современ, инклузивен и конкурентен образовен систем.
„Предложениот документ нуди модерни пристапи кои се насочени кон стекнување практични вештини, развивање критичко размислување, интеграција на дигитални технологии и усогласување со меѓународните образовни стандарди, како и поголем избор за учениците, со цел тие самите да можат да го моделираат својот образовен пат, според нивните интереси и идни цели. Мислењата и сугестиите на сите чинители на образовниот процес се од исклучителна важност за креирање гимназиско образование кое ќе ги подготви учениците за современите предизвици и ќе обезбеди меѓународно споредливи образовни резултати“, се вели во соопштението од МОН.
Гимназиското образование во Македонија, велат оттаму, повеќе од две децении не е предмет на суштински реформи, што го довело до состојба на недоволна усогласеност со современите потреби и меѓународните стандарди.
„Истражувањата покажуваат дека и наставниците и учениците ја препознаваат потребата од промени, особено во насока на модернизација на наставните програми, можност за избор на предметите, воведување современи методи на учење и оценување, како и унапредување на вештините релевантни за 21 век“, нагласуваат од МОН.
Концепцијата е достапна на официјалната веб-страница на Бирото за развој на образованието, а коментарите може да се испратат на [email protected] најдоцна до 31.1 2025 година.
„Убедени сме дека заедно можеме да создадеме модерно и квалитетно гимназиско образование во најдобар интерес на идните генерации“, порачуваат од МОН.