A „новото време“ според некои наставници по македонски јазик значи усогласување на програмите според генералната определба на новите договори на Македонија со Грција и Бугарија – Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство.
Во одговорот на прашањето на МКД.мк за промената во списокот на лектирите за средното стручно образование, без „Црнила“ на Коле Чашуле и „Црно семе“ на Ташко Георгиевски, се вели дека овие промени биле направени уште во 2019 година, кога министер за образование беше Арбр Адеми. Од МОН ни го испратија одговорот од Бирото за развој на образованието (БРО), под чија надлежност е прашањето зошто е направена ваквата измена, со чија одлука и кои книги ќе ги заменат погоре споменатите романи.
„Наставната програма за општообразовниот наставен предмет македонски јазик и литература за четиригодишното стручно образование е донесена од страна на министерот за образование и наука во 2019 година. Согласно реформите во стручното образование, оваа наставна програма беше реализрана учебната 2021/22 година во шест средни училишта, а од учебната 2022/23 година во сите средни стручни училишта.
Така, делото „Црно семе“ не е содржано во наставната програма уште од 2019 година, туку делото е планирано и поместено во лектирниот список, којшто се изедначува со лектирниот список за учениците од гимназиско образование. Останатите поместувања во наставната програма се направени врз анализа и потреба во новата наставна програма да се внесат дела и на други етаблирани автори кои се дел од македоската современа литература создавана во последните две децении. Учениците во четврта година се среќаваат со дела од современата литература и во неа се застепени македонските автори Дуковски, Насев, Чашуле, Стефановски.
Со оглед на тоа што одредени дела (како што е „Црно семе“) третираат историски прашања, тие се обработуваат како задолжителни четива, во рамки на часовите предвидени за обработка на лектири.
Уште еднаш нагласуваме дека комисиите за изработка на наставните програми, составени од универзитетски професори, наставници и советници од Бирото за развој на образованието стручно, професионално и посветено одговараат на предизвиците со кои се соочуваат во развојот на наставните програми усогласувајќи ги со интересот на учениците на ‘новото време’, како и со потребните компетенции коишто треба да ги стекнат учениците изучувајќи го македонскиот јазик и литература. Ние сме отворени за соработка и за разјаснување на сите прашања што се поставуваат и за кои е заинтересирана јавноста, дури тие за првпат да се јавуваат по 4 години од воведување на наставна програма и по голем број дискусии, обуки на наставници и реализирани часови во училиштата“, се вели во одговорот на БРО.
Наспроти ова, дел од наставниците по македонски јазик и во брифингот за МКД.мк и во изјавите за некои медиуми велат дека делата „Црно Семе“ на Ташко Георгиевски и „Црнила“ на Коле Чашуле, сепак, не се спомнати во програмата за четврта година во средното стручно образование.
Наспроти тврдењата на директорот на Бирото за развој на образованието Закарија Хасипи, овие дела ги нема во списокот, вели професорката по македонски јазик Татјана Алексиќ за ТВ Алфа. Таа вели дека во програмата се споменати само авторите, но не и нивните антологиски дела.
„Ако делото не е вметнато како задолжително, тогаш ќе биде изземено од државна матура. Гимназиските училиште со стручните училиште се изедначуваат на тема матурски испит. Исти се прашањата за матура, што значи дека делата, ако не се за матурски испит, автоматски не се ни задолжителни“, вели Алексиќ.
А.Д.