Како што наведува МОН во објавата за запирањето на конкурсот, измените на Концепцијата се во насока на соодветно изучување на научните дисциплини историја, географија, биологија, хемија и физика како посебни наставни предмети, а кои сега се изучуваат интегрирано во наставните предмети Историја и општество и Природни науки, од шесто до деветто одделение.
„Истото е со цел учениците потребните знаења, вештини и ставови од овие наставни предмети да ги стекнуваат согласно националните стандарди на крајот од основното образование, како и да се обезбеди меѓународна споредливост на постигањата на учениците на определена возраст во основното образование“, наведува МОН.
Во објавата за запирање на Конкурсот кој е објавен пред три месеци, МОН го известува авторот односно авторите на учебниците кои доставиле ракопис во архивата на Педагошката служба, заклучно со 8 јули 2024 година, дека истиот може да си го земат најдоцна 15 дена од објавата на ова соопштение.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска во петокот на прес-конференција го соопшти заклучокот на Владата за одложување на имплементацијата на дел од Концепцијата што се однесува на седмо, осмо и деветто одделение во однос на наставните планови и програми, како што рече, „без да бидат засегнати изборните предмети за кои сметаме дека се добро решение во идниот процес на образование кај младите“.