петок, 25 октомври 2024

Момче (15) во БиХ со нож уби полицаец, нападот е прогласен за тероризам

Во Босанска Крупа, на западот на Босна и Херцеговина, во четвртокот доцна вечерта, во напад на полициска станица загина полицаец, а друг е ранет, јавува Радио Слободна Европа (РСЕ), наведувајќи дека тоа го потврдиле и од Министерство за внатрешни работи на Унско-санскиот кантон (УСК).

Илустрација: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Уапсен е малолетник (2009) кој е осомничен за нападот, јавуваат медиумите во БиХ.

„Станува збор за кривично дело тероризам“, потврди во петокот наутро Аднан Бегановиќ, портпарол на Министерството за внатрешни работи, откако, како што рече, заврши истрагата на Кантонското обвинителство.

Според него, состојбата на вториот полицаец кој бил опериран во болница во Бихаќ е стабилна.

Полициските сили сè уште се на терен.

Порталот Кликс јавува дека напаѓачот влегол во полициската станица и прво со ладно оружје нападнал полицаец, кој на лице место им подлегнал на повредите, а потоа ранил друг.

Министерот за внатрешни работи на БиХ Рамо Исак доцна синоќа изјави дека нивото на безбедност во Федерацијата БиХ е подигнато.

„Малолетно лице влезе во станица, нанесе повреди со нож. Еден е убиен, друг е во стабилна состојба. Премиерот на БиХ е информиран, се прави сè што е потребно, се работи за малолетно лице, така што не можеме да дадеме повеќе информации“, изјави Исак.

Тој додаде дека владата на БиХ комуницира по телефон и прави сè што е потребно.

„Надлежните институции си ја вршат својата работа согласно законот. Жално е тоа што се случи и мораме да најдеме начин да дејствуваме превентивно. Нивото на безбедност е подигнато на повисоко ниво во БиХ, а според моите информации, исто така во РС“, рече Исак.

Порталот Кликс наведува дека пред нападот на полициската станица, напаѓачот испраќал чудни пораки до познаници, збогувајќи се со нив. Оние кои го познавале наведуваат дека бил склон кон верски екстремизам.

Аднан Хабибија, министерот за полиција на Унско-санскиот кантон, изрази сочувство до семејството на убиениот полицаец.

„Што да кажеме освен дека ова е голема тага. Она што особено нè изненади сите е тоа што се работи за малолетен престапник кој се дрзна да влезе во полициска станица и да ги нападне полицајците. Мислам дека ова е навистина еден аларм, каде што треба како општество да се запрашаме што сè се случува овде“, рече тој.

Тој додаде дека полицијата и обвинителството на УСК го прават своето, дека за случајот е запознаено и Обвинителството на Босна и Херцеговина и изрази надеж дека истрагата ќе понуди дополнителни детали.

На прашањето како го коментира фактот дека напаѓачот е малолетник, министерот за полиција на УСК рече: „Кога човекчки ќе погледнете, дали очекувате 14-годишно момче да ве нападне со нож? Трагично што загина полицаец“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ