„Господ да стави рака и да прекрати секаква рана, секаква болка и тага, Бог да ги прости упокоените од трагедијата во Кочани и да им подари рајска населба, а на болните здравје, закрепнување и оздравување“ порача митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски г. Петар.
Тој посочи дека нашата татковина Македонија и Македонската православна црква изгубија дел од својата иднина, како што рече, изгуби млади садници и фиданки, што требаше допрва да се разгрануваат.
„Од нашата автокефална Македонска црква и нашата самостојна и суверена татковина Македонија глас се слуша, ридање и пискот голем, зашто плачеме над своите чеда и не можеме да се утешиме зашто ги нема. Со нашите молитви да испливаме и да ги надминеме сите овие искушенија и темнини што се надвиснале над нас, а на оние што се борат за живот и се лекуваат во болниците на нашата држава и во болниците ширум светот, Господ, лекарот над лекарите, да ги исцели и да ги подигне од нивните болеснички постели“, истакна митрополитот г. Петар.
Празникот Младенци кој секоја година масовно се одбележува во битолскиот манастир посветен на Светите четириесет битолски и севастополски преподобни маченици, но синоќа традицијата кај месноста Кркардаш мина низ молк со палење свеќи во манастирскиот комплекс над Битола.