Пратениците се првата функционерска група која ги почувствува благодетите на брзото дејствување на Уставниот суд во поглед на утврдување на уставноста на измените на законот за плати. Откако овој суд ги одмрзна коефициентите за пресметување на платите и надоместоците на избраните и именуваните функционери, народните избраници ќе имаат плати повеќекратно повисоки од просечната плата.
А токму пратениците се тие што можат да не ја чекаат Владата да им достави предлог за изменување на овој закон или за носење на нови законски решенија, туку тоа можат да го сторат самите, предлагајќи и усвојувајќи со гласање такво законско решение со кое нема да се зголемат функционерските плати во денешните услови на криза и ниски плати и низок стандард на обичните граѓани.
Дека пратениците не треба да чекаат никого, тоа денеска им го порача поранешниот претседател на Собранието на Македонија Трајко Вељаноски во отворено писмо, а сличен совет пред неколку дена добија од правниот експерт и адвокат Дељо Кадиев.
Порака до Владата има и претседателот на Македонија Стево Пендаровски кој ѝ порача дека треба веднаш да пристапи кон изработка на законски измени со адекватно намалување на бодовите и основицата на плата.
Премиерот Димитар Ковачевски пак, најави дека се потребни такви законски измени со кои нема да се достигне такво покачување на платите за какво се шпекулира во јавноста, но и законско решение со кое ќе се оневозможи практично разни директори на агенции и јавни институции да имаат многу повисоки плати од министрите или од претстедателот на државата.
Денеска се одржа и протест пред Уставниот суд организиран од партијата Демократи. „Нема пари за лекови, има пари за 78 отсто“, „Итно отповикување на срамната одлука на Уставниот суд“, „Судии! Независно судство е и ваша лична слобода“, „78 отсто грабеж на народниот буџет“, „Астрономски плати за функционерите, а народот гладува“, беа дел од истакнатите транспаренти.
И додека се чека кој прв ќе истрча со законски предлог, ако воопшто некој мисли тоа брзо да го стори или воопшти да го стори, пратениците се тие кои и навистина можат најбрзо да реагираат.
Собранието е законодавен дом, а пратениците се избрани од народот и, доколку сакаат да го слушнат гласот на народот, а тој глас е гласен деновиве, законски измени можат такаречи веднаш да донесат кои ќе значат дека нема да има покачување на функционерските плати. Во тој контекст ниту на нивните плати, кои веќе ги зедоа определено зголемени.
Изминатите години покажаа дека реалност е оти пратениците речиси секогаш дејствуваат во парламентот онака како што бара Владата или партиите од чии редови се. Освен можеби, кога во прашање се нивните плати, дневници, хонорари и други привилегии. Кога за такво нешто се дискутираше и се носеа одлуки, народните избраници знаеја да бидат и брзи и сложни без разлика на партиските и етнички различности.
П.Џ.