сабота, 27 јули 2024

Мојсоска: Касами има необалистичка агенда за уривање на темелите на АСНОМ

Агендата на градоначалникот на Тетово, Билал Касами е тотално необалистичка и насочена кон уривање на антифашистичките темели на АСНОМ, додека ВМРО-ДПМНЕ како нивен коалиционен партнер во Тетово молчи пред отворената негација на жртвите во антифашистичката борба, реагира Јована Мојсоска од Левица на нејзиниот фејсбук профил откако општинските инспекциски служби во Тетово вчера биле во контрола на Музејот на тетовскиот крај, каде во дворот на Меморијалниот комплекс на Комунистичката партија на Македонија (КПМ) по 19 години се поставени бистите на народните херои Тодор Циповски-Меџан и Ѓоце Стојчевски-Амбарче.

Објавено на

часот

Сподели

Општина Тетово, која е депонија на дивоградби, пратила инспекција за поставени бисти на партизаните од НОБ-Тодор Циповски-Мерџан и Ѓоце Стојчевски-Амбарче под изговор дека се поставени незаконски и дека поттикнувале омраза?! Инаку двајцата како борци на Третиот партизански одред се убиени од балистите на 19 септември 1944 во гостиварското село Беличица. Во одбраната на Беличица животот го дале 19 партизани од Третиот партизански одред, биле заробени 4 партизани кои после два дена биле стрелани во Тетово, од кои еден го преживеал стрелањето. Балистите во селото Беличица убиле и 17 жени, деца и стари. И да, соживот со балисти ниту имало, ниту ќе има!“, напиша Мојсоска на фејсбук.
Општинските инспекциски служби во Тетово вчера биле во контрола на Музејот на тетовскиот крај, каде во дворот на Меморијалниот комплекс на Комунистичката партија на Македонија (КПМ) по 19 години се поставени бистите на народните херои Тодор Циповски-Меџан и Ѓоце Стојчевски-Амбарче.
Националната установа Музеј на тетовски крај и Сојузот на борци Тетово на денешната прес-конференција информираа дека по поставувањето на бистите на двајцата народните херои во Спомен куќата на Комунистичката партија на Македонија во населбата Два Бреста, дошла општинска инспекција. Миќо Стојчевски, директор на Музејот на тетовски крај, посочи дека општината нема потреба да праќа инспектори за поставените бисти затоа што нема надлежност. Воедно образложи дека бистите се поставени во дворот на спомен куќата, која е сопственост на националната установа Музеј на тетовски крај.
„Долги години тие бисти стојат во канцеларија. Нивното место е да се постават каде што ќе можат граѓаните да ги гледаат и да ги чествуваат тие паднати борци. Ние како организација се обраќавме до локалната самоуправа повеќе пати да ги вратат бистите онаму каде што им е местото. Ние бевме свесни дека тоа не може да се случи на истото место но изработивме проект да се постават пред Споменик на револуција, како најсоодветно место. Не наидовме на разбирање кај локалната самоуправа. Се изредија тројца градоначалници, меѓутоа се гледа дека тоа не може да се случи во догледно време. Не иритира реакција на локалната самоуправа зошто сега се поставени бистите. Од друга стана пред домот на културата може да се постави споменик на Наим Фрашери, а домот носи друго име на Иљо Антески Смок, а ова не може да се постави во музејот, иако природно припаѓаат тука“, истакна поранешниот претседател на Сојузот на борци, Петрушевски.

Овие бисти до 2005 година беа поставени на градскиот плоштад, но кога почна неговото реновирање тие беа отстранети со ветување дека кога ќе биде завршена реконструкцијата на плоштадот ќе бидат вратни на местото од каде се отстранети. Поминаа 19 години, а ова ветување на општинската власт сè уште не е исполнето.

Поради ова, Сојузот на борците во соработка со Музејот на тетовскиот крај се договорија бистите на овие народни херои, и двајцата од Тетово, времено да бидат поставени во дворот на Меморијалниот комплекс кој се наоѓа на месноста Два Бреста, спомен-куќата каде во 1943 година е формирана КПМ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ