петок, 18 октомври 2024

Мој термин стана добра алатка за префрлање на пациентите од државно, на попладневното приватно

Објавено на

часот

Сподели

Главната придобивка од ваквиот политички популизам е само подобрување на пи-ар алатките во обидите на секој нов министер да прикаже дека јавното здравство функционира беспрекорно.

На другата страна од нивната фотелја, пациентите со месеци чекаат за слободен термин за специјалистички преглед или операција. Во недостиг на термини во системот Мој термин, голем дел од пациентите со сериозни здравствени заболувања и потреба од итен оперативен зафат, се приморани тоа да го прават на приватно во некоја од државните здравствени установи. Или по приватните болници.

Претпладне, на државно, со месеци се чека на слободен кревет за операција на пример, а попланде, на приватно, работата може да се заврши и за ден-два.

Здравствените власти пак најавуваат измени во Мој термин. Министерот за здравство неодамна најави дека ќе следат измени во начинот на кој се закажува термин кај лекарите со што ќе се овозможат повеќе термини кај еден доктор.

Дали ова ќе го реши проблемот со чекање со месеци за слободен термин и прегледи и операции кои се наплаќаат на приватно?

На официјалниот интегриран национален систем за електронско закажување и евидентирање на медицински интервенции Мој термин многу ретко се наоѓа слободен термин во Скопје или во други градови во државата за истиот или пак следниот ден. За посериозни медицински интервенции се чека и до три месеци. Кога побаравме термин за одделот за интерна медицина во Скопје на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, на компјутерот слободен термин добивме за три месеци. Во поликлиниката Букурешт – 22 дена. Прв слободен термин на општа хирургија во Скопје во ЈЗУ Градска општа болница 8 Септември е за 13 дена. На универзитетската Клиника за кардиологија од вкупно 30 доктори колку што има наведено во Мој термин, само кај двајца од нив може да се најде термин и тоа првиот е за 20 дена, а кај вториот доктор после 38 дена, а кај другите доктори треба да чекате повеќе од три месеци.

Мој термин првично беше креиран да им го олесни пристапот до јавно здравство на пациентите и процесот при закажување термини за лекарски преглед. Сепак, нашето секојдневие покажа дека пациентите се оставени на милост и немилост, поради што одат во приватните здравствени установи или пак закажуваат операции на приватно во државна болница, и тоа кај истите доктори за кои во системот Мој термин е невозможно да се закаже во следни 2 до 3 месеци.

Незавидната состојбата во која се најде нашиот граѓанин се должи, пред сѐ, на непочитување на законските определби од страна на здравствените работници Законот за здравствена заштита (ЗЗЗ), Стратегијата за здравство 2021-2030, но и други акти.

Поранешниот министер за здравство д-р Драган Даниловски смета дека се соочуваме со непочитување на законските одредби во врска со листата на термини, но и неукостанепознавањето на граѓаните на сопствените права во врска со термините за прегледи и интервенции.

д

Имено, ако не биде испочитуван закажаниот термин со задоцнување не поголемо од 15 минути, тие имаат право да поднесат известување (писмено или усно на записник) до одговорниот на здравствената установа (директор или друг), на кое раководството е должно да одговори. Понатаму, може да се формира дисциплинска комисија која ќе го испита случајот и евентуално, ќе донесе решение за дисциплинска казна на здравствениот работник. Ако граѓаните би го користеле овој механизам, тешко дека некој доктор би си дозволил половина од работното време да прегледува пациенти дојденисо врски“, додека редовно закажаните молчешкум (да не речам бекетовски) да гочекаат Годо“. Згора на тоа, постои обврска за видео надзор во чекалните (член 226-а), со кој треба да се следи дали постои гужва во чекалните и на шалтерите“, вели во изјавата за МКД.мк д-р Даниловски.

Дали зголемениот број на термини за чекање на државно е поради недостигот од доктори специјалисти и хирурзи, или пак се злоупотребува Мој термин за вршење оперативни зафати по завршување на работното време, но по друг приватен тарифник кој пациентите со итни операции мораат да ги плаќаат на докторите од државните клиники?

Колку термини дневно мора да закажуваат докторите од државните клиники со цел да ги опслужат потребите на граѓаните за што и плаќаат во Фондот за здравство?

Колку оперативни зафати се изведени од почетокот на оваа година кои сепак биле наплатени на приватно во државните клиники и воопшто колку операции на приватно може да изведе еден доктор надвор од работното време?

Колку чини една операција на кардиологија на државна клиника која пациентот ја плаќа приватно?

Овие прашања ги поставивме до Министерството за здравство.

„Со цел оптимизирање на термините за дијагностика, во тек се контроли во јавните здравствени установи, согласно Законот за здравствена заштита и Закон за евиденции, како и правилникот од оваа област, во насока на обезбедување доволен број термини по апарат и специјалност. Во однос на термините кои дневно мора да ги закажуваат докторите, ова прашање е регулирано со Правилникот за времетраењето на прегледите во специјалистичко-консултативните амбуланти и на давањето специјалистичко-консултативни услуги со користење на медицинска опрема. Поконкретни информации во однос на останатиот дел од прашањата може да добеие од самите здравствени установи“, ни одговорија од Министерството за здравство. Толку.

Ова всушност значи дека во тек била некаква контрола за можни злоупотреби, а таа контрола без систематизирани податоци од сите здравствени установи всушност станува невозможна.

Тоа дека нема место во јавно здравство, а има за приватно – е јавна тајна.

„Состојбата не се должи само на недостиг на доктори или злоупотреба на Мој термин, туку на суштински инсуфициентности на системот во целина. Термини нема и затоа што буквално цела Македонија сака да се прегледува во клиниките (значи во терцијарното здравство). Па имаме ситуација, прегледи и интервенции кои спаѓаат во секундарно здравство (на пример, операција на воспалено слепо црево, која треба да може да ја изведе кој било хирург во која било болница во државата) да се изведуваат во терцијарното здравство (клиничкиот центар во Скопје), со што непотребно се создаваат долги листи на чекање, од една страна и од друга, се компромитира нивото на терцијарното здравство (кое, нели, постои за да решава комплицирани здравствени проблеми). Еден колега, абдоминален хирург, ми вели, тоа било така зашто не смееле да одбијат пациент!? Секако, но не смеат да одбијат само итни случаи и случаи кои по својата тежина спаѓаат во надлежност на терцијарното здравство. Не може, карикирам, (но и такви случаи има), сраснат нокт да се третира на клиника! Зошто е тоа така? Затоа што не постои контрола на упатувањето на пациенти и на електронската листа на закажани прегледи и интервенции, иако тоа е законска обврска (член 39-в од ЗЗЗ). Дополнителната дејност е регулирана во член 222 од ЗЗЗ. Во него точно е уредено кој смее да врши дополнителна дејност, а во членот 223 дадени се условите за вршење на таквата дејност. И децидно си стои дека во текот на еден месец докторот смее да изврши најмногу десет интервенции, секој работен ден по 17 часот и/или во сабота и/или недела, да спроведе најмногу десет дијагностички постапки, во сабота и/или недела и да изврши најмногу десет специјалистичкоконсултативни услуги, во сабота и/или недела.

Ако некој доктор има намера да направи злоупотреба, тој тоа никако не може сам да го направи. За тоа, неизбежно, мора да имаблагослов“ (покритие) од раководител на клиниката“, вели Даниловски.

Тој додава дека квалитетот на услугите во болниците во внатрешноста на државата е незадоволително – нема доволно опрема, а стручните знаења на огромно мнозинство доктори (и други здравствени работници) се далеку под потребното ниво.

Секако, на места постои и дефицит на одредени специјалистички профили. Тој дефицит е последица на немање стратегија за долгорочно планирање на кадри (и опрема), согласно товарот со болести (burden of disease) и демографските карактеристики на населението. Рака на срце, на интернет страницата на Министерството за здравство објавена е Стратегија за здравство, 2021-2030. Арно ама, не постои акциски план за нејзино спроведување. Од друга страна, на сајтот на Владата, во поглавјето за приоритетни стратегии, не постои стратегијата за здравство. Ова недвосмислено укажува дека на власта здравственит сектор не ѝ е приоритет. Во една таква ситуација, чарето луѓето си го бараат на клиниките (заради што листите на чекање се огромни и се чека за термин со месеци) или, оние поимотните, се обраќаат до приватните болници кои ја користат својата шанса за трупање профити. За време на ковид пандемијата Владата ги утврди измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита, со кои, меѓу другото, се уреди и начинот на вршење здравствена дејност од приватните здравствени установи, при утврдено постоење на кризна состојба, со цел заштита на јавното здравје и прогласена епидемија или пандемија на заразна болест, а се овозможи и законско овластување за определување највисоки цени во приватните болници, во висина на референтните цени утврдени од Фондот за здравствено осигурување. Сепак, до денес, Владата не ги определи цените, односно не донесе одлука или каков било акт, со што оваа законска одредба останува неприменета“, вели Даниловски кој истакнува дека останува проблемот со оневозможување на универзалното право на пристап до здравствена заштита.

                                                                                                                                                          А.Д.                          

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ