сабота, 21 декември 2024

МНР ѝ врачи протестна нота на Русија по ракетирањето на македонската амбасада во Киев

Вонредниот и ополномоштен амбасадор на Руската Федерација во земјава, Сергеј Баздникин попладнево бил повикан во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНР) каде му била врачена протестна нота откако претходно денеска министерството информираше дека при руски напад во украинскиот град Киев е погодена и критичната инфраструктура во Голосеевскиот реон, вклучително и зградата каде што се сместени шест амбасади, меѓу кои и амбасадата на Македонија во Украина. Руската војска соопшти дека нејзиниот напад на Киев е одговор на украинскиот напад со западни ракети од средата наутро на една руска фабрика, што е, како што наведе, црвената линија за Москва. Рускиот ракетен напад го осуди и Европската комисија (ЕК).

Објавено на

часот

Сподели

„На рускиот амбасадор му беше врачена протестна нота со која се изразува силна осуда и протест за нанесената материјална штета од ракетниот напад на руските армиски сили врз Киев, при кој беше погодена и Амбасадата на Република Северна Македонија“, информираат од МНР.

Претходно, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека при нападот нема повредени меѓу нашиот дипломатскиот персонал, но е причинета материјална штета на амбасадата.

„Од страна на надлежните служби е извршен првичен преглед на штетите на лице место и веќе се работи на нивно санирање“, соопшти Министерството.

Рускиот ракетен напад врз зграда во Киев, во која се сместени шест странски дипломатски претставништва, меѓу кои и Македонската амбасада во Украина,  го осуди и Европската комисија (ЕК).

„Овој напад уште еднаш покажува дека криминалната природа на (рускиот претседател Владимир) Путин претставува опасност за Украина, за ЕУ и за нашата севкупна безбедност“, изјави портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер.

Запрашана дали ЕК има намера да вложи дипломатски протест до Русија, имајќи предвид дека меѓу дипломатските претставништва во ракетираната зграда има и амбасади на земји членки на ЕУ, Хипер само кусо одговори дека комисијата „ќе ја процени ситуацијата и ќе реагира“.

Руската војска соопшти денес дека нејзиниот напад на Киев е одговор на украинскиот напад со западни ракети од средата наутро на една руска фабрика, што е, како што наведе, црвената линија за Москва.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ