петок, 26 јули 2024
Во Владата секој си тера своја политика

МНР вели се консултирало со Правда, оттаму пак дека ги чекаат новите измени на Законот за рестриктивни мерки

МНР не се откажува од идејата да биде државниот орган кој ќе ги предлага и ќе ги спроведува рестриктивните мерки но и ќе му наложува на Јавното обвинителство веднаш по доставувањето на документите за одреден човек или фирма кои што ќе се најдат на „црната листа“ на САД или Обединетото Кралство, да покрене кривичен прогон против сите оние што ќе се најдат на таа листа. Но ниту претходната ниту актуелната, техничка Влада не се начисто што точно и на кој начин треба да се регулира со овој закон.

Објавено на

часот

Сподели

Откако речи си целата експертска јавност но и дел од членовите на Владата реагираа дека измените на Законот за рестриктивни мерки се спротивни и на Уставот и на други прави акти, Владата се премисли и го повлече од собраниска процедура предлог-законот според кој, луѓе и фирми кои се ставени на „црната листа“ на Соедниетите Американски држави (САД) или Обединетото Кралство без одлагање ќе треба да бидат кривично гонети во Македонија.

Владата не е докрај начисто како ќе се спроведуваат рестриктивните мерки

МНР не се откажува од идејата да биде државниот орган кој ќе ги предлага и ќе ги спроведува рестриктивните мерки но и ќе му наложува на Јавното обвинителство веднаш по доставувањето на документите за одреден човек или фирма кои што ќе се најдат на „црната листа“ на САД или Обединетото Кралство, да покрене кривичен прогон против сите оние што ќе се најдат на таа листа. Но ниту претходната ниту актуелната, техничка Влада не е докрај начисто што точно треба да се регулира со овој закон и на кој начин да се направи тоа.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи вчера за ТВ 21 изјави дека нема политичка причина за повлекување на предлог-законот за измени на Законот за рестриктивни мерки туку тоа е направено од административни причини, дека новите измени се усогласени со „законодавство и со министерството за правда“, но сепак „амин“ за нив морало да даде новата техничка Влада.

„Тој беше усогласен со законодавство и со министерство и беше усвоен од Владата, но условно, со цел да се направат дополнителни усогласувања со Министерството за правда што во рамки на работната група и се случи. Бидејќи сега има нова Влада потребно е истата да го потврди текстот на законот“, изјави синоќа Османи.

Но така не вели заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ. Таа за МКД.мк изјави дека Министерството даде негативно мислење на првиот предлог – закон за измени на Законот за рестриктивни мерки затоа што бил спротивен на Уставот. Но и новите предвидени измени за кои зборуваше синоќа Османи во Правда сѐ уште не ги виделе.

„Министерството за правда смета дека воведувањето на рестриктивни мерки со одлука на Владата врз основа на сомневање , не е во согласност со Уставот и со системот на казненото право воопшто. Новите предложени измени од МНР по повлекување на законот, Министерството за правда, откако ќе ги разгледа, дополнително  ќе се произнесе“, изјави за МКД.мк, Аврамовска Мадиќ.

А, министерот за правда Кренар Лога вчера ја поздрави одлуката на Владата за повлекување на предлог-законот, со оглед на тоа што претходно Министерството за правда даде негативно мислење и укажа на низа законски пропусти во предложеното решение.

„Министерството за правда смета дека воведувањето на рестриктивни мерки со одлука на Владата врз основа на сомневање, не е во согласност со Уставот и со системот на казненото право воопшто“, соопштија вчера од Правда.

Наспроти Османи, и техничкиот премиер Талат Џафери на вчерашната средба со американската амбасадорка Анџела Агелер кажа дека за предлог-законот за измени на Законот за рестриктивни мерки се прават дополнителни и сеопфатни консултации, по што е предвидено повторно разгледување на истиот на следната владина седница.

Вицепремиерката задолжена за политики на добро владеење Славица Грковска, која присуствувше на молитвениот појадок организран од американскиот претседател Џо Бајден, во Вашингтон, САД, изјави дека очекува американската 2црна листа“ да продолжи да се дополнува.

„Се надевам дека листата уште повеќе ќе се надополнува. Секогаш, велам, дека тоа е дополнителна помош од нашите меѓународни партнери, за да ги поттикнат домашните институции да си ја вршат својата работа“, изјави Грковска во интервју за  Гласот на Америка на македонски јазик.

Таа нагласи дека тоа првенствено е домашна работа, на домашните институции и правосудство, да ги покренат овие случаи, и да се посведочи дека има завршница и оти навистина некој одговара од високите профили обвинети за корупција, доколку навистина се огрешиле пред законот. Но, како што посочува, за а справување со овие процеси се потребни храбри луѓе.

Не е вистината дека претходната Влада измените ги донела едногласно

Во сенка на нејаснотиите околу предложените измени на Законот за рестриктивни мерки остана кусата информација дека претходната Влада едногласно ги усвоила предложените измени.

Токму Грковска била една од  владините членови кои имала повеќе забелешки на предложените измени на Законот за рестриктивни мерки.

Владини извори за МКД.мк велат дека вицепремиерката побарала да се измени дел од предложените измени кои се однесуваат на рокот во кој обвинителството треба да постапи по добиените информации од Министерството за надворешни работи.

“Во предлог-законот пишуваше дека Обвинителството има рок од шест месеци да ја заврши постапката, но вицепремиерката побара дека е подобро да има разумен законски рок во кој таа постапка ќе заврши за да се избегнат злоупотреби. Ито така побара задолжително да се проверат актуелните законски рокови за да не се случи судир помеѓу различни законски решенија. Исто така, во измените се предлагаше дека доколку постапката на обвинителството заврши со поднесување на обвинение на обвинетиот кој е на ‘црната листа’ на САД времено да му бидезабрането да се кандидира за јавна функција и тој времено да биде одалечен од вршење на функција, а на фирмите да им се забрани да склучуваат договори сѐ до правосилност на еветуална пресуда. Но вицепремиерката сугерираше дека е подобро наместо терминот одалечен во законот да се употреби терминот суспедниран затоа што, според  неа, така ќе бидат опфатени и пратеници, градоначалници, судии, обвинители без при тоа да се обременува законот со посебни постапки“, вели нашиот извор.

Грковска имала забелешки и по однос на тоа која институција и на кој начин ќе ги спроведува и контролира преземените финански мерки, но и во делот на прекршочните одредби.

Министерството за правда пак веќе поодамна се изјасни против првично предложените измени на Законот за рестриктивни мерки.

„Предложените измени се во спротивност со уставниот поредок и суверенитетот на Република Северна Македонија.  Наведеното, исто така е спорно од аспект на тоа дека меѓународните рестриктивни мерки се донесуваат врз основа на правни акти на меѓународните организации со цел унифицирање на безбедносната политика на меѓународната организација со нејзините членки. Министерството смета дека воведувањето на рестриктивни мерки со одлука на Владата врз основа на сомневање , не е во согласност со Уставот и со системот на казненото право воопшто. Предложените измени се во спротивност и со Европската конвенција за човекови права како и со принципот на владеење на правото и правната држава.
Постоењето на основи на сомневање во хиерархијата на кривичното право за постоење на докази кои укажуваат на сторено кривично дело е втор степен. Истакнуваме дека првенствено постојат оперативни сознанија за сторено кривично дело, потоа основи за сомнение и на крај обвинување. Со предвидувањето на ваков праг врз основа на кој би се воведувале рестриктивни мерки меѓу кои и ембарго и замрзнување на имот, се нарушуваат концептите на владеењето на правото и на правната држава. Укажуваме дека овој предлог-закон би требало да се достави на мислење на Венецијанската комисија и Европската комисија“, е ставот на Министерството за правда.

Дополнително, вели извор од Владата за МКД.мк, заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ на владината седница одржана на 16 јануари годинава го бранела ставот на Министерството дека не ги поддржува предложените измени.

„Издвоеното мислење на Аврамовска Мадиќ е составен дел од документите и записникот од владината седница“, вели нашиот извор.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи синоќа повторно ги објасни предложените измени но единствено ново од првичниот предлог е тоа што во законот ќе биде вметнато дека рестриктивните мерки конечно ќе бидат преземени после правосилно донесена пресуда.

Тој додаде дека во актуелното решение како видови рестриктивни мерки се ембарго за оружје, забрана за влез, финансиски мерки. Сега, посочи, додаваат покренување на кривична постапка и преземање на мерки за обезбедување.

„Кога ќе има ваков правен акт, МНР, МВР и Јавното обвинителство (ЈО) предлагаат до Владата да донесе одлука и за наши рестриктивни мерки. Ако е за корупција, злоупотреба на службена должност Владата е должна, односно органот што предлага да ги однесе сите факти што ги има собрано од изворот на рестрикцијата до ЈО. ЈО е должно да отвори кривична постапка и ако покрене обвинение, и судот го прифати тоа обвинение, тогаш Судот може да донесе привремени мерки за обезбедување – забрана за вршење јавна функција, вклучувајќи и кандидирање на избори и конфискација на имот и други финансиски мерки“, посочи Османи.

И без ова, македонскиот Закон за кривична постапка и сега предвидува таканаречени времени мерки кои ги опфаќаат и мерките што сега ги предлага Османи.

МКД.мк веќе пишуваше дека на Македонија не ѝ треба „црната листа“ на САД за да гони висока корупција.

Македонија има свој закон за санкционирање граѓани и фирми, од 2011 година, прво наречен Закон за меѓународни рестриктивни мерки, а со измените до 2018 година преименуван како Закон за рестриктивни мерки.

Според Законот за рестриктивни мерки од 2018 година, рестриктивни мерки се мерките чија цел е одржување на меѓународниот мир, безбедноста, почитувањето на човековите права и основните слободи и развојот на демократијата и владеењето на правото.

Законот пропишува дека мерките може да се воведат, да се изменат или да престанат да важат врз неколку основи.

„Мерките се воведуваат, се изменуваат или престануваат врз основа на правно обврзувачки резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации, на правни акти на Европската Унија и на други меѓународни организации во кои членува Република Македонија во согласност со меѓународното право, врз основа на барање од надлежен орган на друга држава за воведување, изменување или престанување на важење на финансиски мерки против тероризам и/или пролиферација или други акти согласно со овој закон“, пишува во Законот за рестриктивни забрани.

Законот предвидува рестриктивните мерки да може да се применат кон една или повеќе држави, меѓународни организации, граѓани, фирми, групи и/или различни други организации.

Рестриктивни мерки може да бидат ембарго на стоки и услуги, ембарго на оружје, забрана за влез во Република Македонија, финансиски мерки и други мерки согласно со меѓународното право.

Искра Опетческа

 

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ