„Според информациите кои ги доби Министерството за надворешни работи преку Конзуларното одделение во Бон од надлежните институции на Сојузна Република Германија, во утринските часови во саботата, во Есен починал Е.И. (32), државјанин на Република Северна Македонија. Одделението во Бон останува во тесна комуникација со надлежните органи на Германија до целосно расветлување на случајот“, се вели во изјавата на министерството за МКД.мк.
Инаку, како што објавивме вчера, смртните повреди биле настанати од пивско шише. Еритрејците биле на возраст од 25 и 29 години. Тие избегале во правец на главната железничка станица. Еден од нив набрзо бил приведен.
Како што подоццна објави вестникот Билд, македонскиот државјанин бил тепан со шише додека не колабирал.
Случаен минувач се обидел да му помогне на повредениот, но веќе било доцна. „Кратко време откако беше однесен во болница, тој починал“, изјавил портпаролот на полицијата.
Поради добриот опис на сведокот, полицијата го уапсила едниот од осомничените (25) на железничката станица во Есен, а другиот (29) во станицата во Милхајм.
Обдукцијата на жртвата откри дека причината за смртта е траума од тапа сила.
Сè уште е нејасно за што се расправале тројцата мажи.