четврток, 19 септември 2024

МНР побара дополнително објаснување од отстапувањето од протоколот на средбата Сиљановска Давкова со Радев

Во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНР) денеска беше повикан амбасадорот на Република Бугарија, Желјаско Радуков, каде, како што информираат од министерството била изразена загриженост поради отстапувањето од договорениот протокол за фотографирањето на двајцата претседатели, при што дополнително е побарано објаснување од бугарската страна.

Објавено на

часот

Сподели

„Во разговорот со бугарскиот амбасадор беше потенцирано дека средбата и заедничкиот ручек на двајцата претседатели поминале во пријателска атмосфера. Дополнително, на амбасадорот Радуков му беше укажано дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија е непријатно изненадено од последната изјава на амбасадорот Ангел Димитров, претседавач на бугарскиот дел од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, дадена во емисијата ‘Офанзива со Љубомир Огњанов’ на Нова вести. Изјавата во основа го нарушува начелото дека претседавачот на експертската комисија не треба да дава политички изјави за Владата на соседна држава, која е легитимно избрана. Сметаме дека оваа изјава е несоодветна и непримерна“, се вели во соопштението од МНР.

На средбата во МНР, на амбасадорот Радуков, исто така, му било пренесено дека Македонија и понатаму останува посветена на позитивен развој, унапредување и зајакнување на билатералните односи и соработката во сите области од заемен интерес за двете држави и нивните народи, за што беше потврдена подготвеност и од другата страна.

Заради фотографирањето пред бугарското знаме на претседателите Румен Радев и Гордана Сиљановска Давкова на средбата завчера во Софија, од македонска страна беше најавена протестна нота до бугарскиот амбасадор во земјава Желјаско Радуков. Демаршот на бугарскиот амбасадор, како што информираат извори од МНР, ќе биде врачен од директорот на Директоратот одговорен за регионот.

Средбата на Радев и Сиљановска Давкова беше дел од активостите на македонската претседателка при посетата на Софија по повод присуство на настапот на македонската опера во Софија со  „Набуко“, како чекор од културната дипломатија.  Во македонската делегација беа и министрите за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски и за култура Зоран Љутков.

Новоименуваниот амбасадор на Бугарија Желјаско Радуков и ги предаде акредитивните писма на претседателката Сиљановска Давкова на 10 септември, заменувајќи го досегашниот амбасадор Ангел Ангелов.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ