Условот за уставни измени се однесува на внесување на Бугарите како малцинство во македонскиот устав, без побарување на никаков реципроцитет за Бугарија во однос на македонското малцинство во таа земја, но и без никакви гаранции дека тој услов нема да се провлекува понатаму во преговарачкиот процес, што преговрите на Македонија со ЕУ ќе ги билатерализира во интерес на Бугарија.
Пред потпишувањето на своевидната согласност на тогашната македонска влада со условите на „францускиот предлог“, во Македонија се одржуваа двенеделни масовни протести, во кои јавноста и тогашната опозиција изразуваа несогласување и неприфатливост на така креираната преговарачка рамка, за чија официјална имплементација беше ( и сè уште е) потребно да биде изгласана со двотретинско мнозинство во Собранието.
„Бујар Османи и Артан Груби ги убедуваа Европејците дека ќе обезбедат двотретинско мнозинство во македонското Собрание за уставните измени. Кога се подготвувал францускиот предлог, имало резерви од некои колеги од земјите-членки на ЕУ за беспоговорното прифаќање на условите на Бугарија. Но Османи и Груби ги уверувале дека нема да има никаков проблем со уставните измени“, ги пренесуваат од МНР сознанијата за тогашниот процес на преговори за „францускиот предлог“, добиени од актуелната дипломатска комуникација со земјите-членки на ЕУ.
Во однос на комуникацијата со Бугарија, од МНР велат дека продолжуваат напорите за воспоставување разумна позиција во однос на условот за уставните измени. Министерот Муцунски во наредниот период ќе учествува на меѓународна конференција и ќе побара уште една средба со неговиот бугарски колега, Георгиев.
„Министерството продолжува со проактивна политика. Барањето за уставни измени со одложено дејство – останува, без билатерализацијата на преговорите. Очекуваме помош од САД кои во целост имааат разбирање за нашата позиција. Имаме разбирање и внатре во ЕУ. Бараме превидлив пат и крај на билатерилазицијата. Не сме престанале да бидеме активни“, велат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија.
Ј.П.