„На рускиот амбасадор му беше врачена протестна нота со која се изразува силна осуда и протест за нанесената материјална штета од ракетниот напад на руските армиски сили врз Киев, при кој беше погодена и Амбасадата на Република Северна Македонија“, информираат од МНР.
Претходно, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека при нападот нема повредени меѓу нашиот дипломатскиот персонал, но е причинета материјална штета на амбасадата.
„Од страна на надлежните служби е извршен првичен преглед на штетите на лице место и веќе се работи на нивно санирање“, соопшти Министерството.
Рускиот ракетен напад врз зграда во Киев, во која се сместени шест странски дипломатски претставништва, меѓу кои и Македонската амбасада во Украина, го осуди и Европската комисија (ЕК).
„Овој напад уште еднаш покажува дека криминалната природа на (рускиот претседател Владимир) Путин претставува опасност за Украина, за ЕУ и за нашата севкупна безбедност“, изјави портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер.
Запрашана дали ЕК има намера да вложи дипломатски протест до Русија, имајќи предвид дека меѓу дипломатските претставништва во ракетираната зграда има и амбасади на земји членки на ЕУ, Хипер само кусо одговори дека комисијата „ќе ја процени ситуацијата и ќе реагира“.
Руската војска соопшти денес дека нејзиниот напад на Киев е одговор на украинскиот напад со западни ракети од средата наутро на една руска фабрика, што е, како што наведе, црвената линија за Москва.