среда, 30 октомври 2024
По злосторството во Белград

„Многу угледни родители, примерно момче, крем де ла крем“, рече Вучиќ и предложи 10 мерки (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

По едноминутно молчење, српскиот претседател изрази сочувство до семејствата и пријателите на убиените деца, истакнувајќи дека ова е еден од најтешките денови во современата историја на Србија и рече дека целиот народ е обединет во тагата.

„Обединети сме, за жал, во тага каква што не паметиме, но кога сме обединети во тага, мора да ги погледнеме причините, одговорноста на секој од нас, да бараме решенија за вакво нешто, без разлика колку е непредвидливо, никогаш повеќе не се повтори“, изјави Вучиќ.

Претседателот на Србија рече дека не брзал со изјави и дека сакал да види каде згрешил системот, каде лежи одговорноста „на секој од нас“ бидејќи не можеме да им ги вратиме децата на родителите.

„Момчето од овој момент се наоѓа на посебно место, ќе биде сместено во посебен дел од клиниката за невропсихијатрија. Неговиот татко е уапсен како сопственик на оружјето, кое го чувал нелегално, а притворена е и неговата мајка“, изјави Вучиќ.

Претседателот рече дека ова страшно злосторство се случило во елитно училиште, дека полицајците биле на лице место и ја завршиле својата работа пред злосторството.

„Човекот што беше убиен, од обезбедувањето, разменувал пораки со убиецот, се дружеле, се познавале“, додаде тој.

Вучиќ нагласи дека училиштето во кое е извршено злосторството е едно од најдобрите во Србија и дека момчето е од добро ситуирано и угледно семејство.

„Зборуваме за примерни родители, крем де ла крем на нашето општество, добро ситуирани родители. Таткото направил еден прекршок во животот, чиста биографија, примерен лекар“, изјави Вучиќ.

„Момчето планирало да фрли молотови коктели на влезот за да спречи некој да влезе во училиштето додека тој не го направи тоа што го сака. Тој го призна тоа. Сепак, тој се исплашил при фрлањето на првиот молотов коктел и се откажал од понатамошно фрлање. Со татко му три пати отишол на стрелиште, му се допаднало и бил добар стрелец. Се подготвувал за тоа што го направи“, изјави Вучиќ.

Како што рече, постои можност момчето да било свесно дека нема кривично да одговара, дека тоа го знаело и постапило соодветно на тоа.

Претседателот на Србија ја предупреди јавноста дека се измислува дека момчето се заканувало со бомби и за насилство од врсници.

Според неговите зборови, момчето барало да го префрлат од едно во друго одделение бидејќи бил најдобар ученик и сите го избегнувале. Тој побарал да биде префрлен во друг клас, каде што имал тројца пријатели.

„Родителите од него барале резултати. И во новото одделение никој не сакал да го прифати, а потоа, според неговото признание, решил да направи монструозен чин“, изјави Вучиќ.

Вучиќ рече дека што се однесува на насилството, момчето еднаш го чукнале по глава во актерската школа, но дека сите надлежни служби потоа го истражиле случајот и направиле сѐ што е во нивна моќ.

„На секој родител денес му паднало на памет: колку пати сум згрешил кога го терав моето дете да учи“, додаде тој.

Вучиќ рече дека ќе се направи обид да се префрлат уште повеќе полицајци во училиштата.

„Мораме да промениме нешто, нашите вредности и нашиот начин на однесување. Тоа е прашање за целото општество, прашање за целиот народ, прашање за нашиот опстанок. Да бидеме обединети и да се обидеме да се промениме и да си ја признаеме сопствената грешка. Да ги вратиме децата на спортот, да ги одвоиме од телефонот и интернетот“, рече Вучиќ и додаде дека во меѓувреме се дознале уште безброј детали и дека се пронајдени 57 чаури.

Претседателот рече дека момчето е член на генерација што ретко или никогаш не гледа телевизија. Како што вели, ова е генерација на деца што исклучиво користат интернет.

Вучиќ рече дека во овој случај гледа два проблеми.

„Едно е она што детето го прави на стрелиште. Друг проблем е тоа што по шаблонот што го правел гледате дека играл некој вид игрица. Во тие игрици тие имаат повеќе животи. Тој не покажува ни трошка каење. Гледате дека тој мисли дека станал херој за некои, за некои што се малтретирани. Од момче што било прогонувано зашто е подобро од другите до ова што го направи. Задоволен е што на некои им стана херој на социјалните мрежи“, изјави Вучиќ.

Вучиќ предложи 10 мерки за спречување на немилите настани како денешниот:

1. Да се воведе двегодишен мораториум за чување и носење оружје

2. Да се изврши ревизија на сите дозволи за огнено оружје

3. Да се изврши контрола како луѓето носат оружје

4. Да се изврши контрола на работата на сите стрелишта и да се забрани влез за малолетници

5. Да се пропише кривично-правна одговорност за лицата што им овозможуваат на малолетници да поседуваат оружје

6. Можност за намалување на кривичната одговорност од 14 на 12 години

7. Да се заострат санкциите за давателите на медиумски услуги со кои се истакнува и се поддржува насилството

8. Да се воведат задолжителни тестови за наркотици на секои шест месеци во училиштата

9. Да се организираат специјални тимови за спречување насилство

10. Да се размисли за мерки за забрана на пристапот до сајтовите на даркнет.

Вучиќ рече дека денешниот трагичен настан било тешко да се предвиди.

„Да го направевме сево ова што го предложив, тешко дека ќе беше спречено ова денес, толку е поинакво и непредвидливо. Сите мора да се погрижиме да ја сочуваме помладата сестра на убиецот, да се бориме против психијатрискиот феномен на копирање на монструозно злосторство. Во Војводина еден студент веќе денес се закани дека ќе го повтори ова злосторство. Веднаш реагиравме, го затворивме училиштето, разговаравме со детето“, заклучи Вучиќ.

Одговарајќи на прашањето зошто е прогласен ден на жалост дури од петок, Вучиќ одговори дека не знаат кога формално ќе бидат завршени сите постапки врз основа на кои е прогласен ден на жалост.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ