петок, 10 јануари 2025

Многу сличности на скандалите на „Бехтел и Енка“ во Албанија, Косово, Хрватска и Романија, со стартот во Македонија

Објавено на

часот

Сподели

Романија

Темпото на изградбата на автопатот Трансилванија во Романија беше пет километри месечно, имаше месеци и со по осум километри. Договорот беше така дефиниран, што секоја грешка од романска страна во однос на договорените исплати, повлекуваше дополнителни суми на сметките на американската компанија.

По 10 години работа и изградени само 52 километри од проектираните 415 километри од автопатот Трансилванија, Романија во 2016 година конечно се откажа од контроверзниот договор со американската компанија Бехтел. Потрошени беа 1,42 милијарди евра за изградба, а во таа 2017 година на компанијата требаше да ѝ се исплатат дополнителни 37,2 милиони евра.

„Ги финализиравме преговорите со Бехтел за раскинување на договорот. Следниот чекор е да го дадеме проектот на автопатот под концесија и да го изградиме“, изјави тогаш Дан Сова, министерски делегат за инфраструктурни проекти на Романија.

Сова, член на владејачката Социјалдемократска партија, за овој скандал дел од вината ја префрли на претходната централно-десничарска влада.

Работата на Трансилванскиот автопат почна во 2004 година со договор од 2,2 милијарди евра. Трошоците за автопатот постојано растеа, владата реши повторно да преговара за договорот и на крајот го прекина.

бр

Хрватска

„Бехтел и Енка“ го изгради автопатот Загреб-Сплит во Хрватска.

Во 1998 корпорацијата постигна договор за градење автопат во Хрватска, во директни преговори и без наддавање. Кога хрватскиот шеф на дипломатијата лобираше за втор договор со „Бехтел“ по урнек на првиот, се откри дека тој претходно работел за вашингтонската правна фирма „Патон Богс“ која имала договор за лобирање со „Бехтел“. Под притисок на ЕУ, со дипломатско укажување дека оваа земја ја чека членство во унијата, Хрватска се откажа од директно договарање за вториот договор и отиде на јавен тендер.

Албанија

За време на изградбата на националниот пат Драч-Кукс, еден од најголемите инфраструктурни проекти во Албанија, имаше бројни дебати и истраги за цената на овој пат.

Во Албанија истрагата заврши само со оставка на тогашниот министер за транспорт Лулзим Баша, без ниту една една затворска казна за сомневањата за оваа, според новинарските извештаи, голема корупциска афера.

Почетната цена на автопатот со четири ленти беше проценета на околу 600 милиони евра, но подоцна надмина една милијарда евра.

Американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ во Албанија почна со работа во ноември 2006 година со неколкумесечно задоцнување. Нивната машинерија донесена во Албанија беше пресметано дека е речиси еднаква по број на целата тогашна албанска машинерија.

Албанските ревизори за овој проект известија дека се работи за бројни прекршувања на законските и подзаконските акти кои ја регулираат областа на градежните работи. Последиците од овие прекршувања при спроведувањето на договорот се одразуваат на зголемување на трошоците за градба. На пример, без да се завршат ни 10% од работите на патот, изведувачот, врз основа на условите на договорот, побарал дополнителни 141,9 милиони евра или 34% над почетната вредност.

 Државата тогаш побарала ревидирање на некои одредби од договорот, особено деловите за единечни цени со барање да се прилагодат на единечните цени кои досега се применуваа на албанскиот пазар. Побарана беше и ревизија на деловите „целни количини“ и приспособување на овие ставки со албанските стандарди, се бараше ревизија на клаузулата за ослободување од фискални обврски за „Бехтел и Енка“, за да се обезбеди усогласеност со Уставот и албанското фискално законодавство (за в понеделник во Македонија е закажана собраниска седница на која Владата предлага низа даночни олеснувања токму за „Бехтел и Енка“).

Тогаш албанското обвинителство соопшти дека во реализацијата на овој проект дојдено е до неоправдано зголемување од 84,7% од почетната вредност на договорот. Причинетата штета изнесува околу 385 милиони евра само за два сегмента од реализацијата на договорот за овој пат, утврдија и обвинителите и ревизорите на Албанија.

По Албанија, истата компанија го изгради и остатокот од автопатот во Косово (Кукс-Приштина).

бе

Косово

Во ноември 2013 година, Косово доби 77 километри долг и модерен автопат со четири ленти „за само“ 1,3 милијарди долари, односно за речиси 17 милиони долари за еден километар.

ММФ и Светска банка уште пред почетокот на изградбата на овој автопат во Косово велеа дека е економски неисплатлив. Денес тој автопат е практично празен и се користи со само една третина од неговиот капацитет, за што зборуваат и локалните сообраќајни податоци и проценките на меѓународни институции.

Уште е нејасно кому требаше да му служи толку амбициозен автопат. Јасно е само дека тој проект е само еден од балканските проекти на изведувачкиот гигант „Бехтел“ кој е поврзан со високи цени, слаба транспарентност и сомневања за корупција. Шестмесечен истражувачки проект на новинарската школа на калифорнискиот Беркли вели дека проектите на „Бехтел“ се непотребен луксуз за земјите во кои се градело и дека проблемите биле видливи и пред да бидат удрени првите лопати.

Улогата на тогашниот амбасадор на САД во Косово, фамозниот Кристофер Дел, кој по своето влијание и улога во косовските политики имал ранг на монарх е дел од тоа проблематично бришење на линијата меѓу американската надворешна политика и корпоративните интереси.

Дел јасно и гласно го брани автопатот за кој договор беше потпишан во 2010 година, иако потребата од него ја доведуваат во прашање многу релевантни меѓународни институции. На пример Светската банка во чиј извештај од истата таа 2010 година се вели дека само две од деветте секции на патот (оние кои се најблиску до Приштина) ќе бидат економски исплатливи.

„Беше бизарно еден западен дипломат (мисли на американскиот амбасадор – н.з.), така директно да се спротивстави на препораките од Светската банка и ММФ. Незамисливо е поради бизнис интереси да се дискредитира целата меѓународна мисија на Косово која се темели на борба против корупција, јакнење на институции и промовирање на владеењето на правото“, изјави тогаш холандскиот дипломат Питер Феит.

Полн со самодоверба бидејќи работи под диригентска палка на американскиот амбасадор, тогашниот косовски премиер Хашим Тачи во серија приватни писма ја обвини тогашната претставничката на Светската банка дека погрешно го оценува менаџирањето на големите проекти на неговата влада и дека автопатот е договорен во најдобар интерес за косовскиот народ (подоцна со подигнување на хашко обвининие против него, ќе биде потсетен дека не е само Америка на светов).

Фрапантната сума од 1,3 милијарди долари е постигната на веќе виден начин, со договор кој вели дека конечната цена ќе биде утврдена откако сè ќе биде завршено, што остава простор за безброј анекси на договорот.

„Никој не беше против пат, ама беше против начинот на кој беше договорен и изграден. Можевме да имаме и убав пат и да ни останат пари за здравство и образование“, велеше тогаш Љумир Абдиџику, извршен директор на Риинвест институтот за развојни истражувања во Приштина.

Според некои протечени делови од договорот, во него има навистина бесрамни ставки: на пример се предвидуваат 53 милиони долари за пренесување на опремата и механизацијата. А таа била на самата граница (со Албанија) бидејќи „Бехтел“ го градел и тој дел од автопатот. Само за преминување на границата – 53 милиони долари.

Кристофер Дел ја напушта Приштина во 2012 година, прифаќа една друга дипломатска позиција за веќе следната, 2013, да се пензионира од Стејт Департментот. Само еден месец подоцна, „Бехтел“ го ангажира Дел како свој специјален претставник во Мозамбик.

Истражувањето на БИРН покажа дека низата официјални документи за првпат детално објаснуваат како лобирањето, лошото планирање, „неконкурентните тендери“, неуспехот да се постават ограничувања на цените и „надуените“ цени ги оставија албанските и косовските даночни обврзници со сметка од две милијарди евра за само 137 километри автопат.

По шестмесечна истрага, БИРН објавува декласифицирани документи од Албанија и Косово во кои се детализирани размерите на лошото управување и спиралните трошоци кои досега поттикнаа три истраги за корупција, злоупотреба на службената положба и прекршоци на договори.

Изградена врз премисата за создавање богатство од порастот на трговијата и туризмот, крајната цена за патиштата беше најмалку двојно во двете земји од првичните понудени цени.

Трговијата меѓу Албанија и Косово бележи само скромно зголемување од отворањето на патот, тоа не доведе до редица камиони што обично се гледа на другите балкански граници. Експертите проценуваат дека патот од Кукс до Приштина се користи само со 10 проценти од неговиот капацитет.

Од друга страна, градежната компанија „Бехтел и Енка“ оствари профит од стотици милиони евра делумно благодарение, според аргументите на критичарите, на дебелиот договор во нивна полза, високата цена и враќањето на данокот.

На ред е Македонија.

                                                                                                                                                                  А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ