петок, 18 октомври 2024

Многу комбинации на партиите на Албанците за 6-та и 5-та изборна единица, ДУИ ги пикира и 3-та и 4-та

Во политичкиот блок на Албанците, откако заврши трката за собирање потписи за двајцата кандидати за претседателските избори, сега трескавично се прават и преправаат комбинациите за составување на листите за кандидати за пратеници. Особен акцент се става на 6-та и 5-та изборна единица каде конкуренцијата може да биде исклучително густа и предизвикувачка, а добри резултати партиите на Албанците очекуваат и во првата и во втората изборна единица. ДУИ може да изненади и со кандидати во третата и четвртата изборна единица, дури во едната да се кандидира Артан Груби.

Фото: Фејсбук

Објавено на

часот

Сподели

Се чини дека и на ДУИ и на коалицијата Вреди, во предизборната математика проблем засега им е Алијанса за Албанците, крилото предводено од Зијадин Села, за кое уште нема дефинитивен одговор дали на изборите одат самостојно, како што и беше најавувано изминатите недели, или можеби заедно со ДУИ со кои се во власта во таканарен европски сојуз. На ДУИ од аспект која позиција да ја „жртвуваат“ заради Села, а на Вреди кого да спротивстават ако евентуално Села со партиското членство има самостоен настап.

Во партиските штабови владее исклучителна нерасположеност за изнесување на официјални информации. Од тоа што може да се разбере од поедини партиски кадри и од медиумите на албански јазик е дека co ДУИ разговараат Зијадин Села и Кренар Лога. Но во ДУИ велат дека имаат проблем – Села и Лога ги „дигнале акциите“ и барат повеќе од тоа што интегративците сметаа дека „тежат на теренот“. Во крилото на Села велат дека засега нема преговори  со официјален карактер, туку само разговори на ниво на размена на размислувања. Дури, и самот Села, во интервју за Гласот на Америка, не даде одговор на прашањето дали Алијанса преговара.

Во ДУИ се сигурни дека во „шестката“ носител на листата ќе биде лидерот Али Ахмети. На таа листа сигурно ќе се најде и Мендух Тачи, лидерот на ДПА како владин коалициски партнер. Распоредот по името на Ахмети засега е енигма бидејќи Села уште разговара со ДУИ, па така под знак прашање е на кое место евентуално би се нашол кандидат од Алијанса. Има информации дека ДУИ ја нуди третата позиција на листата за шестата изборна единица која би ја зазела Илире Даути. А, четвртото место во тој случај би го добил Арјанит Хоџа, лидер на Европска демократска партија.

Од друга страна, Села преферира да ја предводи листата во „петката“, која ја опфаќа негова Струга, што создава главоболки во ДУИ која смета дека и таму има одличен рејтинг. Но, во ДУИ има и такви размислувања, кои добиваат на тежина, дека би можеле да си дозволат отстапка кон Села, имајќи предвид дека во дел од петката се ослабени позициите на партијата за кои се грижеше до неодамна неприкосновениот Рамиз Мерко, кој се најде на „црната листа“ на САД и против кого има обвинение.

ДУИ наводно на Алијанса на Села ќе му ја отстапи втората позиција на листата во „единицата“, а во „двојката“ позицијата два би му ја отстапиле на Скендер Реџепи Зејд од Народно движење, но проблем за интегративците е што во „двојката“ Села бара втората позиција да му биде дадена на Елми Азири.

Но, ако Алијанса на Села донесе одлука самостојно да оди на изборите, тогаш, според партиски извори, во „шестката“ прв на листата од партијата ќе биде Зијадин Села, по него актуелниот министер за здравство, Илир Демири, а на третата позиција ќе биде пратеничката Илире Даути.

Дел од медиумите на албански јазик информраат дека во ДУИ расте притисокот врз Ахмети партијата да оди самостојно бидејќи се смета дека ДУИ го има поправено својот рејтинг и дека нема причина на четири или пет помали партии да им се дава изборен приклучок.

Опозициската коалиција Вреди силен акцент ќе стави на шестата изборна единица, а нема дилеми дека прв на таа листа ќе биде Биљал Касами, лидерот на Беса и актуелен градоначалник, кој токму во Тетово пред две години извојува победа и стана градоначалник, а неговата партија на тие локални избори ја порази ДУИ.  Како што може да се дознае, на листата по Касами ќе се најде пратеникот Халил Снопче од крилото на Алијанса на Арбен Таравари. На третата позиција би се нашла Саранда Имери од Демократско движење, а на четвртата Беким Ќоку, неформален лидер во Македонија на косовското Самоопределување.

Вреди очекува пробив и во петтата изборна единица, каде можеби на првото место на таа листа би се нашол сепак Беким Ќоку од Самоопределување, како стружанец и некогаш влијателен во ДПА. Единицата и двојката за Вреди е силен предизвик имајќи ги предвид превирањата во ДУИ, кои резултираа со извдвојување на некогашните „огнени интегративци“ предводени од чаирецот Изет Меџити, кој е сега лидер на Демократско движење во рамки на коалицијата. Засега нема цврсти информации како би се поделиле листите во рамки на Вреди, бидејќи тука се јаки и позициите на Алтернатива на скопјанецот Африм Гаши, па треба да се очекува Меџити и Гаши да бидат предводници во двојката и единицата.

Според агенцијата ИНА, ДУИ веројатно ќе се натпреварува и во „македонските“ изборни единици, „тројката“ и „четворката“.

„Како што дознава ИНА, во ‘тројката’ носител ќе биде Аднан Исмаили, сопственик на Логос-А и универзитетски професор, додека со ‘четворката’  ќе раководи или Артан Груби или друго име. Името на вториот (Артан Груби, н.з.)  се споменува како кандидат во првата ИЕ“, објави ИНА.

Дали Артан Груби ќе биде носител на изборна листа сепак останува непознато, имајќи предвид една негова неодамнешна изјава дека тој нема да се натпреварува овој пат, зашто смета дека повеќе може да придонесе од позадина.

П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ