сабота, 27 јули 2024

ММФ: Вештачката интелигенција ќе влијае на околу 40 отсто од сите работни места во светот

Вештачката интелигенција ќе има влијание на околу 40 отсто од сите глобални работни места и во многу случаи ќе предизвика значително влошување на нееднаквоста во светот, се наведува во студија на Меѓународниот монетарен фонд, пренесува Би-би-си.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, коментирајќи го овој документ вели дека истражувањата покажуваат дека во развиените земји вештачката интелигенција ќе влијае на дури 60 отсто од сите работни места.

Во половина од овие случаи, влијанието ќе биде позитивно и ќе предизвика зголемување на продуктивноста на трудот, но во останатите случаи, вештачката интелигенција ќе има знаење и способности да ги извршува задачите на многу вработени, што може да доведе до намалена побарувачка за работна сила, пад на платите, па дури и целосно укинување на некои работни места.

Георгиева нагласува дека, според новите проекции на ММФ, во неразвиените земји само 28 отсто од работните места ќе бидат под влијание на оваа технологија.

„За жал, овие земји немаат инфраструктура или знаење за да имаат корист од употребата на вештачката интелигенција, па постои опасност со текот на времето неразвиените уште повеќе да заостанат и да се зголеми нееднаквоста меѓу народите“, вели Георгиева.

Помладите работници, како и работниците со повисоки примања, би можеле да добијат несразмерно високи плати, доколку прифатат и почнат да работат со вештачка интелигенција, додека постарите и помалку квалификувани работници, според резултатите од студијата, ќе заостанат со приходите.

Директорката на ММФ нагласува дека од големо значење е сите земји да применуваат сложени социјални мерки и да спроведуваат реедукација на лицата што заостануваат во образованието и приходите.

„На овој начин, можеме да ја направиме транзицијата предизвикана од вештачката интелигенција поприфатлива за многу луѓе и да не дозволиме дополнително зголемување на нееднаквоста во светот“, вели таа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ