сабота, 27 јули 2024

ММДЧП бара Сиљановска и Мицкоски итно да го раскинат Договорот од Преспа

Македонското меѓународно движење за човекови права бара итно раскинување на Договорот од Преспа, со кој во 2019 година незаконски и насилно се смени името на Македонија во крајно навредливото име „Северна Македонија“, спротивно на македонскиот Устав, собраниските правила, македонското и меѓународното право и спротивно на повеќе меѓународни конвенции за заштита на човековите права. Раскинувањето на овој незаконски договор ќе го врати името на Македонија и ќе го гарантира нејзиното право на самоопределување, се вели во соопштението на ММДЧП.

Објавено на

часот

Сподели

„Со цел да ѝ помогнат на Грција во нејзината кампања да го искорени постоењето на името, етничкиот идентитет, културата и историјата на Македонците (што е основата на Договорот од Преспа), а особено да ги прикрие невидените кршења на човековите права што Грција ги направи против домородното етничко македонско население откако ја анектираше Егејска Македонија во 1913 година,  САД ја принудија Македонија да си го промени името, во замена за тоа Грција да го укине своето вето за кандидатурата за членство на Македонија во НАТО, со што дополнително се зацементира хегемонијата на САД во регионот. САД го инсталираа режимот на Зоран Заев во 2016/2017 година, покренувајќи присилна промена на името и брутално задушување на сите изрази на спротиставување, со масовно кршење на човековите права на Македонците.
И покрај тоа што Договорот од Преспа беше масовно отфрлен од Македонците на референдумот на 30 септември 2018 година, тој сепак беше спроведен со сила од страна на режимот. Некои од најлошите негови членови се: со член 7(2) терминот „Македонија“ официјално ѝ се дава на Грција, а целото македонско население во Егејска Македонија се смета за непостоечко; членот 7(3) создава сосема нов, вештачки ‘северномакедонски’ идентитет и го брише наследството, идентитетот и културата на Македонците; членот 8(5) дозволува комисија од грчки дипломати да ја препише македонската историја и македонските учебници, за официјално да се отстрани секоја трага од постоењето на Македонците.
Членот 75 од македонскиот Устав предвидува дека претседателот на Македонија мора да го потпише секој уставен амандман, што претседателот Ѓорги Иванов никогаш не го стори. Овој факт не е ни оспорен од поранешниот режим или од САД, и е истакнат на официјалната интернет страница на македонската Влада. Членот 120 од македонскиот Устав предвидува дека „предлогот за здружување или раздружување од сојуз или заедница со други држави (на пример НАТО, ЕУ) Собранието го прифаќа со двотретинско мнозинство гласови (81 од 120) од вкупниот број пратеници. Потребниот број гласови во Собранието не беше исполнет и референдумот беше масовно отфрлен. Членот 308 од македонскиот Кривичен законик предвидува дека „граѓанинот на Република Македонија кој ќе ја стави Република Македонија во положба на подреденост или зависност во однос на друга држава, ќе се казни со затвор од најмалку пет години“, а Договорот од Преспа беше специјално создаден да го направи ова во однос на Грција. Бидејќи претседателот Иванов не го склучил или потпишал Договорот од Преспа како што налага Уставот, не го потпишал указот за прогласување на Законот за ратификација на договорот, нема формално законски валиден договор во времето на референдумот, и не постои ниту сега.
Бараме претседателката на Македонија Гордана Сиљановска-Давкова и владата и новоизбран премиер-мандатар Христијан Мицкоски веднаш да го прогласат за ништовен незаконскиот Договор од Преспа, со што ќе се врати вистинското име на Македонија. Повикувајќи се на европското и на меѓународното право го браниме правото на Македонија на самоопределување, наспроти тврдењата дека тоа го оправдува нивното кршење“, се вели во соопштението на Македонското меѓународно движење за човекови права.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ