сабота, 27 јули 2024

Младите во Србија се трети најсреќни во светот

Литванија е на првото место на најсреќни земји на светот за лицата на возраст од 30 години и помлади, според годишниот извештај за индексот на среќата. Извештајот го креирале американската компанија за истражување на пазарите Галуп, Истражувачкиот центар за благосостојба на Универзитетот Оксфорд и Мрежата за решенија за одржлив развој на ОН.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Земјите се рангирани според сопствената проценка на квалитетот на животот. Од анкетираните се бара да замислат скала на која најдобриот можен живот за нив е оценка 10, а најлошиот нула. За 130 земји рангирани во извештајот се разгледуваат и БДП по жител, социјалната поддршка, здравјето, слободата, благосостојбата и отсуството на корупција.

Литванија е на првото место на оваа листа, но дури на 44 место на скалата за постарите од 60 години и е вкупно 19 најсреќна земја во светот. „Приближувањето на источна и западна Европа е главно поттикнато од сè поголемата среќа на младите“, се наведува во извештајот.

Литванија во Светскиот извештај за среќата за 2024 имала вкупна оценка од 7,759. Постојано се качува на листата на среќата од 2017 година, кога го зазеде 52-то место во вкупниот извештај. 63,11 отсто од населението на земјата имаат меѓу 15 и 64 години, додека само 21,59 отсто имаат 65 и повеќе години.

Квалитетот на животот во Литванија значително пораснал во последните две децении. На пример, во 2000 година БДП по глава на жител бил под светскиот просек, а сега изнесува 25.064 долари, што е значително повеќе од светскиот просек кој е 12.687 долари.

Трошоците за живот во Литванија се в просек 32,2 отсто пониски отколку во Соединетите Американски Држави, а проценетите месечни трошоци на едно лице се под 800 долари, не вклучувајќи ја киријата. Главниот град на земјата, Вилнус, е високо рангиран во магазинот Фајненшал тајмс за европските градови и региони на иднината за 2023. Се појавува и како центар на програмерите и индустријата на видео игри.

Според скалата, младите во централна и југоисточна Европа се меѓу најсреќните во светот. Освен Литванија, уште две земји од овие региони се пласирани во топ 10 – Србија како трета и Романија како осма. Заедничко за овие три земји е што кај нив нивото на среќата значително се разликува меѓу младото и старото население.

Една од можните причини за ова отстапување е брзиот напредок на технологијата и економските можности кои таа им ги нуди на помладите генерации.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ