„Од Законот за јавни набавки до Законот за здравствена заштита, Законот за здравствено осигурување и итн. Тоа главно не доведе до предлог- заклучоците, коишто на крајот никогаш не беа изгласани, меѓутоа беа архивирани во Собранието и така понатаму проследени по барање на обвинителството и до обвинителството. Во предлог-заклучоците се именуваа 6 лица на раководни позиции во тој период, коишто сметавме дека имаат политичка одговорност, па понатаму обвинителството треба да увиди други типови на одговорност во скандалот Онкологија“, нагласи Мизрахи.
Пратеничката издвои што нашла анкетната комисија во своето работење. Еден од утврдените пропусти е дека никогаш не постоела стручна комисија којашто увидувала кои медикаменти и во колкави количини се потребни, туку дека сето тоа било договарано на друго место. Додаде дека недостасувале шестмесечните известувања на самата Клиника за радиотерапија и онкологија, набавки на реверси преку кои самата Клиника се довела во долгови до 12 милиони евра, никогаш не биле пропишани протоколи, дека никогаш немало вонреден надзор и други увиди кои ги изнела анкетната комисија.
„Кога немате анализа, на крајот имате хаос, од ко очигледно дека имало профити, коишто биле позначајни отколку животот и здравјето на граѓаните. До тука можеме да заклучиме дека системот бил во целосно безредие, хаос, којшто довел до колапс и верувавме дека овој колапс не е само на Клиниката за онкологија, туку во целокупниот здравствен систем“, потенцираше Мизрахи.