сабота, 27 јули 2024

Митрополит Дамаскин: Беа потребни многу жртви за да се стигне до признавањето на МПЦ

Митрополитот на Дидимотика, г. Дамаскин, кој е дел и од Комисијата на Црквата на Грција во однос на признавањето на Македонската православна црква (МПЦ), при учеството на одбележувањето на манастирската слава на Пресвета Богородица-Пречиста во Кичево, во обраќањето кон владиката Партениј се задржа и на признавањето на МПЦ. Во манастирот Пресвета Богородица-Пречиста во Кичево денеска, се одржа третиот великопосен Акатист кон Пресвета Богородица.

Објавено на

часот

Сподели

„Многу почитуваниот митрополитот на Дидимотика, г. Дамаскин, во однос на признавањето на нашата Црква, во поздравното обраќање кон владиката Партениј, изговорено во храмот на манастирот Пречиста, меѓу другото рече дека благородниот, благочестив и христољубив народ на оваа прекрасна земја несомнено го носеше својот крст многу децении. Распетието траеше многу години. Но еве, сега го живееме Воскресението! Ја живееме радоста од општењето, од заедничарењето меѓу нас“, информираа од Бигорскиот манастир.

Тој посочил дека за да се стаса дотука, било потребно многу луѓе да се жртвуваат себе си.

„Еден од оние кои се принесоа себеси и своите драгоцени сили и можности за овој случај, беше избраниот и драг брат Епископ Партениј, кој долги години, малку по малку, камче по камче, ги градеше прво душите на луѓето; ги одгледуваше душите на толку многу отци и браќа монаси и сестри монахињи, та да заживее толку многу манастири, но над сè – во дарохранителницата на душите на луѓето повторно го запали кандилото на верата и на надежта“, нагласил г.Дамаскин.

Го славам Бога, додал тој, затоа што му ги повел чекорите кон ова свето место.

„Кон Свештената обител Благовештение на Богородица близу Кичево, за да се сретнам со еден извонреден брат, да се сретнам со сите кои се подвизуваат заедно со него, и монасите и монахињите, но и христољубивата паства на оваа црковна заедница“, рекол г. Дамаскин во поздравното обраќање до владиката Партениј. 

Во манастирот Пресвета Богородица-Пречиста – Кичево денеска, се одржа третиот великопосен Акатист кон Пресвета Богородица, а настанот со своето присуство го збогатиле митрополитите, г. Кирил Имвроски и г. Дамаскин Дидимотиски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ