Митревски со 14 одбрани заедно со Кузмановски беше најзаслужен за големото реми. Сепак и тој како и останатите жали што не го победивме силниот противник.
„Сите велат дека сме освоиле голем бод вечерва во Вараждин. Секако дека тоа е точно, но за мене најточно е да се каже дека ние за жал загубивме еден бод. Бевме блиску до победа, нијанси фалеа, а и немавме среќа во финишот. Нема збор за неискуство или нешто друго, едноставно ова е спорт и се случуваат грешки дури и во клучните моменти. Горд сум на целата екипа, на моите соиграчи. За ова работевме, за ова не излеговме од сала изминативе 25 дена, за ова пропуштивме многу моменти со семејствата. Им благодарам на сите што не бодреа од трибините, направија да се чувствуваме како дома, тие ни го носеа потребниот ветер“, изјави Митревски.
Следниот натпревар на Македонија е против Холандија во петок од 18 часот.
„Имаме помалку од 48 часа до мечот со Холандија, која исто така е силен противник. Но, периодов се подготвувавме и за нив и верувам дека ќе одиграме на исто ниво и дека со помош на публиката повторно ќе дојдеме до позитивен резултат“, дополни чуварот на мрежата.