Македонија одлично почна против Франција, но по добрите 20 минути следуваше голем пад, силниот противник направи серија и почна да се одлепува, конечниот резултат беше 39-29.
Никола Митревски кој беше еден од нашите најдобри поединци, смета дека високиот пораз е одраз на македонскиот менталитет поради кој денеска прерано кренавме раце.
„Првпат имавме можност да играме на стадион. Почнавме одлично, 15-20 минути игравме егал, ги контролиравме случувањата на теренот, а потоа нивната одбрана нѐ принуди да направиме неколку неизнудени, технички грешки кои лесни ги искористија во транзиција и го презедоа водството“, изјави Митревски по натпреварот.
„Тоа е разликата меѓу Македонија и Франција, тие играат врвни натпревари на секои три дена, ние немаме такво темпо. Работиме за да го стигнеме донекаде нивното ниво. Има горчина кај нас, не толку поради поразот од 10 разлика, туку поради менталитетот, ако не се предадевме прерано, можеби ќе се изборевме за попристоен пораз, од 5-6 разлика. Французите немаа загубена топка, ние имавме над 20, потоа од нив примавме лесни голови и тука треба да се бараат причините за ваквиот пораз“.
Од Диселдорф за МКД.мк
Ристе Ѓорѓиевски