сабота, 27 јули 2024

Митрески вели меѓународните договори не можат да се менуваат, коалицискиот партнер ЛДП бара со печат продолжување на рокот на документите

Меѓународните договори се дел од внатрешниот правен промет и тие не можат да се менуваат со друг закон, така што конечната одлука дали мнозинството во Собранието утре ќе ја даде поддршката за продолжување на важноста на патните исправи ќе биде соопштена во текот на денот, изјави денеска претседателот на Собранието Јован Митрески. Во меѓувреме, пратениците на ЛДП, коалицискиот партнер на владеачката СДСМ денеска предложија дополнување на Законот за патните исправи односно патните исправи да содржи печат на Република Северна Македонија со која државата го потврдува идентитетот на лицето и истите да важат до истекот на рокот на важноста на патната исправа.

Објавено на

часот

Сподели

„Според информациите што ги добивам е дека тој закон нема да ги реши проблемите и дека е спротивен на членот 118 од Уставот во смисла на тоа дека меѓународните договори дека се дел од внатрешниот правен промет и фактички дека не можат да се менуваат со друг закон, така што конечната одлука ќе биде соопштена во текот на денот“, рече Митрески.

Додаде дека во текот на денешниот ден ќе го дополни дневниот ред за утрешната седница за законот на патни исправи, а во врска со поддршката на пратениците вели одлуките ги носат пратенички групи сами.

Во меѓувреме, пратениците на ЛДП, коалицискиот партнер на владеачката СДСМ денеска предложија дополнување на Законот за патните исправи.

„Предложените дополнувања се насочени кон унапредување на патните исправи и дефинирање на јасни правила за државјаните на земјава, при што ќе се овозможи непречено движење на граѓаните надвор од границите и повторно враќање во истата со поседување на валидна патна исправа, односно патна исправа која содржи печат на Република Северна Македонија со која државата го потврдува идентитетот на лицето и важи до истекот на рокот на важноста на патната исправа“, појаснуваат од ЛДП.

Според партијата оваа иницијативата е мотивирана од потребата за доследно почитување на уставно загарантираните права на слобода на движење. Промените се предложени по итна постапка поради нивната значајност за основните човекови права.

„За нас секој е важен и сметаме дека патната исправа која важи како потврда со која државата гарантира за идентитетот на нејзиниот сопственик може да биде валидна и со печатот Република Северна Македонија до истекот на рокот на важноста на истата, а потоа да биде соодветно заменета на нов образец. Со ова сметаме дека не се нарушува Преспанскиот договор кој доведе до исполнување на државна цел – членството во НАТО“, додаваат од ЛДП.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ минатата недела повика на поддршка од владеjачкото мнозинство за продолжување на важноста на патните исправи. Според нив, потребни се 15 пратеници од власта, кои заедно со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ќе го изгласаат законот за продолжување на важноста на пасошите. Во спротивно, вели тој, тие треба да се откажат од своите дипломатски пасоши, со кои патуваат непречено, кога и каде и да посакаат.

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски минатата недела пак, изјави дека попусто ќе биде менување на закон со којшто ќе се продолжи рокот на траење на пасошите со Република Македонија, затоа што тоа треба да биде усогласено со Грција и со ЕУ. Тој посочи дека Владата треба да обезбеди согласност од земјите-членки на ЕУ од другата потписничка страна – Грција, па потоа да разговара за менување на закон.

Митрески денеска учествуваше на одбележувањето на јубилејот – 80 години од Февруарскиот поход и од смртта на народниот херој Кузман Јосифовски Питу, кој се одржа во Домот на Армијата, во организација на Главниот одбор на Сојузот на борците од НОАВМ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ