„Во моментот на надзорот субјектите не вршат дејност, што е разбирливо поради прогласената седумдневна жалост. Но, врз основа на податоците со коишто располага Државниот пазарен инспекторат и остварени контакти со одговорните лица на самите угостителски објекти, се обезбедени документи коишто се потребни за надзорот да биде извршен.
Согласно овие контроли на увид се приложени лиценци за вршење на угостителска дејност коишто се со важност и тие се 22 на број на цела територија на државата, но има и 15 лиценци коишто се со истечена важност.
Во Скопје 13 објекти, од кои само 2 поседуваат важечки лиценци (за кабаре), 8 имаат истечени лиценци, а 3 објекти немаат никаква лиценца.
Во Куманово има 3 објекти, сите со важечки лиценци за кабаре. Во Штип, Виница и Делчево по еден објект е регистриран како кабаре и сите поседуваат важечки лиценци. Во Струмица има 4 објекти: 2 со важечки лиценци за диско-клуб, 1 со важечка лиценца за диско-клуб на отворен простор, а 1 со истечена лиценца.
Во Гевгелија имаме еден објект со истечена лиценца. Во Велес има еден објект со важечка лиценца за диско-клуб. Во Битола има четири објекти – три со важечки лиценци за кабаре, а еден со важечка лиценца за диско-клуб на отворен простор. Во Прилеп има два објекти, и двата се со истечени лиценци. Во Кавадарци има еден објект со важечка лиценца.Во Велес има еден објект со важечка лиценца за кабаре. Неготино еден објект со истечена лиценца. Во Охрид има четири објекти – два со важечки лиценци, еден со важечка лиценца за диско-клуб, а еден објект е без лиценца. Во Кичево има еден објект со важечка лиценца за кабаре. Во Гостивар има еден објект со истечена лиценца. Во Тетово има шест објекти, од кои за четири нема податок, а два се со истечени лиценци.
Денеска Државниот пазарен инспекторат е на терен и се проверуваат сите 22 објекти што имаат важечка лиценца дали ги исполнуваат минимум техничките услови коишто се потребни за да ја добијат таа лиценца. Заедно со останати надлежни институции за тоа ќе излеземе со дополнителни информации откако ќе заврши целиот надзор којшто тие го прават.
За сите други објекти, коишто се со истечена важност на лиценцата или немаат воопшто лиценца, Државниот пазарен инспекторат донесе забрана за вршење на нивната дејност сè додека не се утврдат сите потребни документи, додека не се провери дали воопшто поседуваат услови, минимално технички услови за вршење на дејност за истите да можат да обезбедат дополнителна лиценца.
Во Министерството за економија се прави и проверка на лиценците дали повторно има некој случај со злоупотреба на архивското работење, односно за некоја лиценца да е заведена по друга основа.
Денеска Владата го задолжи Министерството за финансии да обезбеди средства во висина од 30 милиони денари коишто треба да ги пренесе на Службата за општи и заеднички работи за помош на семејствата за транспорт и сместување.
Во овој момент можеме да ја информираме јавноста дека се обезбедени 58 лица, односно за истите се обезбедени транспорт и сместување. И дека оваа одлука ќе се однесува и на оние лица коишто заминале и пред донесување на оваа одлука, ќе може ретроактивно да им се изврши дополнителна исплата“, изјави денеска Митева.