Македонските ракометари денеска го одработеа првиот тренинг во „Мерцедес-Бенз Арена“ во Берлин каде во недела со почеток од 20:30 часот играме против Германија.
Марко Митев, еден од најголемите таленти во нашата селекција, ветува дека тој и останатите ракометари ќе го дадат најдоброто од себе до последната секунда од мечот.
„Ќе биде тежок натпревар, бидејќи играме против домаќинот Германија, која е фаворизирана пред дуелот со нашата селекција. Тоа не е причина да не се бориме и да не го дадеме нашиот максимум до последната секунда. Противникот почнавме да го анализираме, имаме уште два дена да се подготвиме убаво. И тие имаат слаби страни, на нас е да пробаме да ги најдеме и да пробаме да ги искористиме“, рече Митев.
Германија одигра фантастична одбрана против Швајцарија, примија само 14 голови.
„Германците одиграа навистина фантастично во одбраната против Швајцарија, а и на нивните голмани им беше денот. Но, тоа не значи дека така ќе биде и на нашата средба задутре во Берлин. Ќе дадеме се од себе за да не биде така“, додаде Митев.