сабота, 22 март 2025

Мистериозните радиоимпулси од Млечниот Пат „се различни од сѐ што досега го знаевме“

Во текот на изминатата деценија научниците забележаа необичен феномен: радиоимпулси што доаѓаат од нашата галаксија Млечен Пат, кои редовно се повторуваат на секои два часа како космичко чукање на срце. Овие необични сигнали, кои траеја помеѓу половина минута и минута и пол, дојдоа од насоката на соѕвездието Голема Мечка.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Астрономите сега го открија неочекуваниот извор на овие импулси: мртва ѕвезда, таканаречено бело џуџе, кое орбитира околу мала, студена црвена џуџеста ѕвезда. Црвените џуџиња се најчестите ѕвезди во универзумот.

Двете ѕвезди, заеднички наречени ИЛТЈ1101, се толку блиску една до друга што нивните магнетни полиња се испреплетуваат, создавајќи ги овие долготрајни радиосигнали (наречени долгопериодни минливи појави – ЛПТ). Досега, ваквите долги сигнали се поврзуваа само со неутронските ѕвезди, густите остатоци од експлозии на супернова.

Новото откритие, претставено во научното списание Нејчр астрономи, покажува дека движењата на ѕвездите во бинарните системи, исто така, можат да ги создадат овие ретки радиосигнали. „За прв пат со сигурност утврдивме кои ѕвезди ги произведуваат овие мистериозни сигнали, членови на сосема нова класа на радиофеномени“, рече главната авторка на студијата, д-р Ирис де Рујтер од Универзитетот во Сиднеј во Австралија.

Научниците нагласуваат дека овие невидени набљудувања се само почеток. Ова откритие би можело да ни помогне подобро да разбереме какви ѕвезди можат да емитуваат радиосигнали низ вселената и да го разјаснат нивното минато и меѓусебни односи.

За да ја реши оваа космичка загатка, д-р Де Рујтер развила метод за наоѓање долги радиоимпулси во архивските снимки од европскиот радиотелескоп ЛОФАР. ЛОФАР е најголемата радиотелескопска мрежа во Европа, специјализирана за многу ниски радиофреквенции.

Користејќи го својот метод, додека сè уште била докторантка во Амстердам, Де Рујтер за прв пат пронашла радиосигнал снимен во 2015 година. Потоа, додека ја истражувала истата област на небото, таа открила уште шест сигнали. Сите тие потекнувале од една бледа црвена ѕвезда. Меѓутоа, таа ѕвезда не можела сама да генерира толку моќни импулси. Морало да има нешто друго што ги предизвикува.

За разлика од овие долготрајни импулси, брзите радиоблесоци (познати како ФРБ) се многу светли, траат само дел од секундата и генерално доаѓаат од други галаксии. Брзите радиоблесоци се многу помоќни и често се случуваат само еднаш.

„Овие нови импулси се слични на ФРБ, но траат многу подолго и имаат помала енергија. Сè уште се обидуваме да разбереме дали овие феномени се поврзани или се работи за различни типови на настани“, вели коавторот на студијата Чарлс Килпатрик од Универзитетот Нортвестерн.

Преку понатамошни набљудувања со помош на големи телескопи во Аризона и Тексас, научниците откриле дека црвената ѕвезда всушност „танцува“ напред-назад во редовен двочасовен ритам, кој совршено се совпаѓа со радиоимпулсите. Тие заклучиле дека ѕвездата ја движи гравитацијата на блиското бело џуџе, мала, густа мртва ѕвезда.

Овие две ѕвезди, оддалечени 1.600 светлосни години од нас, орбитираат заедно околу заедничка точка на секои 125,5 минути.

Што ги предизвикува овие мистериозни сигнали?

Научниците мислат дека постојат две можни објаснувања за овие необични импулси. Или белото џуџе има силно магнетно поле што редовно емитува сигнали, или магнетните полиња на двете ѕвезди комуницираат и ги создаваат овие импулси. Научниците планираат дополнителни набљудувања на овој систем за да откријат дали ѕвездите испуштаат и други видови зрачење, како што се ултравиолетови зраци или рендген-зраци, што би можело да помогне подобро да се разбере нивното минато и меѓусебните односи.

„Во моментов импулсите целосно исчезнаа, но можно е повторно да се појават во иднина“, рече Де Рујтер. Тимот во моментов детално ги испитува старите податоци од радиотелескопот ЛОФАР во потрага по повеќе слични извори.

„Сѐ почесто откриваме необични системи како овие. Секој нов случај ни ги отвора очите за екстремните феномени во универзумот што произведуваат такви радиосигнали“, рече д-р Каустуб Раџваде од Универзитетот Оксфорд.

Во изминатите неколку години, други истражувачи открија дузина системи што емитуваат слични долги импулси. „Сите овие системи се наоѓаат во рамките на нашиот Млечен Пат и се сосема различни од сè што сме знаеле досега“, заклучила Де Рујтер.

За разлика од кратките пулсарни импулси, кои траат делови од секундата, овие долготрајни сигнали можат да траат од неколку секунди до еден час, рече Наташа Харли-Вокер од Универзитетот Куртин во Австралија, која не учествувала во ова истражување.

„Досега, минливите радиоизвори доведоа до некои од најголемите откритија во астрономијата: од откривањето на пулсарите, преку ФРБ, кои ни овозможија да ја проучуваме невидливата материја меѓу галаксиите, и сега до овие нови долгопериодни феномени чие значење само што почнуваме да го разбираме. Фасцинантно е што сега кога знаеме за нив, можеме да ги најдеме во податоците што постојат со децении – тие биле скриени од нашите очи“, вели Харли-Вокер.

„Со скенирање на небото со моќни радиотелескопи, можеме да очекуваме уште поспектакуларни откритија, па можеби и сигнали што би укажале на присуство на интелигентен живот – нешто што астрономите го бараат со децении преку проектот СЕТИ“, заклучува таа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ