сабота, 27 јули 2024

Мишел ги убедува балканските земји да ја прифатат втората лига како замена за ЕУ

Објавено на

часот

Сподели

Со оваа турнеја на Мишел стана јасно дека идејата на францускиот претседател Емануел Макрон за „европска геополитичка заедница“ станува серизона алтернатива која ќе им се понуди на „другите“ во замена за евроинтеграција.

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел во Белград, Подгорица, Сараево и Тираја ја претстави идејата за „европската геополитичка заедница“, која според него, ќе им помогне на земјите кои сакаат да се приклучат на Европската Унија, бидејќи тоа ќе го олесни нивниот процес на зачленување. Според извештаите, предлогот на Мишел е заснован на идејата на Емануел Макрон. Францускиот претседател оваа идеја ја промовираше во светло на украинската криза, дека ЕУ треба да размислува на формирање на нова заедница заснована на безбедносна и на енергетска платформа, која ќе ги обедини Украина, Молдавија и Грузија. Набргу потоа, поддржана и од Германија и Италија, на оваа идеја се додадоа и земјите на Западен Балкан. ЕУ веднаш, безрезервно, го поддржа формирањето на „европската геополитичка заедница“, а Мишел веднаш ја прошири таа идеја по Балканот.

Македонските политичари внимателно се изјаснуваат околу предлогот на претседателот на Европскиот совет, а сите до еден потенцираат дека тоа не смее да биде замена за полноправното членство во Унијата.

Премиерот Димитар Ковачевски телефонски разговараше со францускиот претседател Емануел Макрон за предлогот за „европската геополитичка заедница“. По разговорот, премиерот ја даде следната изјава.

„Новата геополитичка ситуација во светот и во Европа особено со оглед на војната која што се води во Украина по агресијата на Русија, секако дека налага ЕУ како најголема заедница на држави во Европа да го размислува својот понатамошен развој, но, сепак, во Европската Унија постои процесот на проширување во кој што процес ние сме дел“, рече Ковачевски.

За разлика од него, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, посочи дека Македонија не би смеела да се задоволува со утешна награда.

„Тоа е стар предлог на Франција, но она што е ново е што Владата на Ковачевски не дава отпор. Владата во Македонија не смее да се согласува на утешителни награди кои служат како алтернатива на Европската Унија. Тоа претставува изневерување на нашите искрени намери за членство во Унијата. Таквите предлози треба побрзо да се отфрлат, затоа што е преголема нашата инвестиција во Европската Унија“, изјави Мицкоски.

Мишел на балканските лидери им вели дека „европската геополитичка заедница“ ќе даде можност за редовна размена на мислења на највисоко ниво, што ќе го зголеми „взаемното политичко разбирање меѓу вклучените страни“.

Шефот на Советот на ЕУ во Тирана порача дека е можно наместо датум за првата меѓувладина конференција, со предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон, Македонија, Албанија и земјите од Западен Балкан да добијат статус на асоцијативна земја во Европската Унија. Мишел не тврди дека тоа е завршена работа, но идејата на Макрон ја презентира како тема на јунскиот самит на ЕУ со што реална е опасноста наместо полноправен член по 21 година од Договорот за стабилизација и асоцијација Македонија да стане членка на ЕУ од втора класа.

„Направивте се што е можно за да ги надминете предизвиците. Од друга страна, важно е да не се чека конечната одлука. Една идеја е асоцијативните членки, т.е. грубо, приближен пристап за потребните формати што ќе ги имаме, за да се запознаеме подобро еден со друг, да ги разбереме потешкотиите и да се грижиме еден со друг. Да сме конкретни и оперативни“, вели Шарл Мишел.

Предлогот на Макрон претставен на 9 мај, предвидува европска заедница чиј темел ќе биде ЕУ, а околу неа ќе орбитираат другите европски држави, како Украина или Велика Британија. Во однос на земјите од Западниот Балкан, Макрон подоцна рече дека државите кои веќе ги започнале преговорите за полноправно членство, како Србија и Црна Гора, треба да го завршат патот, а останатите да се приклучат на новото партнерство.

Директорот на Институтот Жак Делор, Себастиен Мајар за агенцијата Франс Прес вели дека оваа идеја прв ја претставил поранешниот француски претседател Франсоа Митеран во 1989 година. Таа беше предвидена како „европски политички простор надвор од ЕУ кој може да биде прв чекор кон членство или, според желбите на земјата, алтернатива на тоа“, вели Мајар.

На 23 јуни лидерите од Западен Балкан (Македонија, Србија, Косово, Албанија, БиХ и Црна Гора) ќе се сретнат во Брисел за да ги прошират дијалогот и соработката. Најверојатно тогаш на претставниците на овие земји, ќе им бидат предочени деталите за членството во новата европска геополитичка заедница.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ