„Процесот на модернизација тече согласно сите планови. Реализираме навистина значајни проекти со кои новата, модерна, софистицирана опрема согласно највисоките стандарди на НАТО станува и наша реалност“, рекол Мисајловски.
Тој ги споменал проектите за модернизација како набавката на лесните оклопни возила ЈЛТВ (JLTV) и „страјкер“ (stryker), системот за противвоздушна одбрана „мистрал 3“ (mistral 3), артилериската опрема, одржувањето на постојната хеликоптерска флота и набавката на нови хеликоптери за армијата.
Министерот се осврнал и на вработените во АРМ и во одбраната, за кои рекол дека се професионалци кои ги водат најсериозните процеси во државата, а истовремено тие се и првите кои излегуваат на терен во поддршка на секој македонски граѓанин.
„Сето тоа е реалност, затоа што буџетот е стабилен и е во нагорна линија“- рекол Мисајловски.
Министерот најавил дека и во 2025 година одбранбениот буџет ќе расте, односно ќе изнесува над два процента од бруто-домашниот производ.
Во однос на реформата на системот за заштита и спасување, министерот Мисајловски порачал дека одбраната е подготвена да даде целосна поддршка во овие реформи.
„ Граѓаните, од нас очекуваат ефикасен, брз, добро подготвен интегриран систем за заштита и спасување и управување со кризи. Впрочем, огнените стихии со кои се соочивме изминатото лето беа доволен доказ дека нешто мораме да менуваме, и тоа сега, и веднаш. Да ги детектираме слабостите на системот и заеднички да покажеме дека знаеме да ги ставиме потребите на секој еден граѓанин на прво место“, потенцирал министерот.
Научно-стручната трибина е организирана од Клубот на генерали во кој членуваат 35 активни и пензионирани генерали со искуство стекнато преку повеќе децениска работа во одбранбениот систем. Говорници на трибината биле и еминентни професори и експерти во безбедносната сфера.