„Веројатно такви се трендовите на глобализација. Така што, сигурен сум дека тој процес ќе стане уште поинтензивен. Тоа е интересно не само за странските, туку и за нашите студенти“, вели Мираковски во видео интервјуто снимено во прес-центарот на МИА во Штип.
Од минатата година на овој Универзитет веќе има неколку акредитирани програми на англиски јазик, а речиси сите факултети работат на нови студиски програми на англиски јазик.
„Интернационализацијата на универзитетите е веројатно и иднината на образованието, тоа го прават сите поголеми современи универзитети. Ние, од минатата година веќе имаме неколку програми акредитирани. Оваа година планираме воведување на дополнителни студиски програми, а работат речиси сите факултети на нови студиски програми на англиски јазик. Интересно е тоа не само за странските студенти, туку и за нашите државјани. Веројатно трендовите се такви на глобализација. Така што, сигурен сум дека тој процес ќе стане уште поинтензивен, во моментот имаме многу атрактивни програми на англиски јазик. Тоа се програмите на Факултетот за медицински науки, општа медицина. Се подготвува акредитација и на стоматологија. Веројатно ќе следи релативно брзо и на фармација. Тоа е атрактивно и за студентите од другите држави, но како што спомнав и за наши државјани. Имаме на Правниот факултет, меѓународно право и дипломатија. Се воведува на Факултетот за информатика, техничките факултети, набрзо и тие следат со свои програми на англиски јазик. На уметностите се веќе присутни подолго време и раширени овие програми. Мислам дека ќе успееме барем педесетина проценти од покриеноста на македонски јазик, во наредните една до две години да ги надополниме со програми и на англиски јазик“, вели Мираковски.
Универзитетот Гоце Делчев е меѓу првите во земјата, којшто уште од самиот старт го фати чекорот со дигитализацијата. Има воведено е-индекс, е-библиотека и разни платформи, коишто им помагаат на студентите и наставниците.
„Имаме и електронска библиотека, во којашто во целост нашите студенти можат бесплатно да ги преземат материјалите на учење. Сега скоро прославивме 1.000 наслови, во таа електронска библиотека, со што во целост се покриени сите области на изучување на Универзитетот, со соодветни наставни материјали“, вели Мираковски.
Тој како експерт за аерозагадувањето открива дека почнати се истражувања и за аерозагадувањето и во градовите Куманово, Кавадарци, Струмица, Гостивар и Струга.
„Истражувањата почнаа оваа пролет. Ќе траат некаде до средината на наредната година. Првите резултати до крајот на наредната година. Тука е интересно што вклучивме уште една компонента, која е веројатно и попроблематична за квалитетот на живот и повеќе го загрозува здравјето на луѓето. Тоа е квалитетот на воздухот во затворените простории. Фокусирани сме на училиштата и на градинките. Да го видиме квалитетот во просториите во коишто нашите деца поминуваат голем дел од времето“, вели Мираковски.
„За жал, за Скопје проблемот е слоевит и најголемото загадување доаѓа како резултат на согорување на огромни количини на разни видови горива, пред се од загревање во текот на змиската сезона. Цврстите горива, на пример дрвата, како и нафтата, посебно во старите горилници и печки се енормно висок извор на загадување. Моето лично убедување е дека додека не направиме значаен исчекор во тој сегмент, нема да имаме подобри резултати. Сообраќајот секако има влијание, но, овие епизоди на екстремно загадување ќе продолжат и ќе ги имаме се додека не направиме исчекор во поефикасен начин на загревање на домовите во урбаните средини“, нагласува ректорот.