четврток, 26 декември 2024

И во новата и во претходните влади министрите од странство се поимотни од домашните

Објавувањето на анкетните листови на политичарите, пратениците и функционерите ја исфрли на површина разликата меѓу домашните политичари и оние што доаѓаат од странство. Прегледот на имотната состојба на сите нив покажува дека оние политичари кои потекнуваат или доаѓаат од друга држава располагаат со поголем и поразновиден имот од домашните. Дел од овој имот што го поседуваат како и заштедите се наоѓа во странство, најчесто во земјите од каде потекнуваат или каде им започнала професионалната кариера.

Објавено на

часот

Сподели

Tоа го покажа и имотниот лист на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска која пријавила дека поседува имот во Македонија, но и во земјите од каде што потекнува или каде што живеела и работела. Министерката Божиновска пријавила два стана во Скопје, 87 квадратни метри и 60м2, стан во Белград 60м2, во Лисабон 72м2, во Шпанија, Естепона 90м2 и во Барселона од 82 квадрати, накит и уметнички слики, возило.

Од новиот состав на Владата, Арбен Фетаи, вицепремиерот за добро владеење кој доаѓа од Белгија, според анкетниот лист можеби е најбогатиот министер. Тој во Македонија, во Опае и Слупчане пријавил куќа и градежно изградено земјиште, како и друг недвижен имот. Во скопската општина Карпош има стан од 46 квадратни метри, стекнат со договор за купопродажба. Во Слупчане и Опае има неколку парцели земјоделско земјиште од наследство. Во Белигија на свое име има три станбени згради. Вози „ленд ровер“ и „мерцедес“, а има две возила „ауди“ и еден „опел“. На свое име пријавил и злато.

Погледнавме и во имотните листови на другите досегашни министри и пратеници кои доаѓаат од странство и кои ги пријавиле своите имоти во земјава и надвор од неа.

Министерот за заштита на човековата околина од претходната влада, Насер Нуредини,  пријавил имот, стан,  куќа и земјиште во Тетово, Боговиње и во Камењане и стан во Австрија од 148 квадратни метри.

Зоран Јолевски, поранешниот министер за одбрана, има недвижен имот во Македонија од 660 илјади евра, стан во Тампа, Флорида – САД, како и накит, акции и обврзници во вредност од 140 илјади евра.

Неговиот колега Зоран Ставрески, според тогашниот имотен лист, покрај имот во Скопје и во Охрид, поседува стан и во Чеви Чејс, Вашингтон, во вредност од 150.000 евра и плус уште заштеда од 80 илјади долари и 30 илјади евра во банки.

Некогашниот министер за информатичко општество Иво Ивановски во анкетниот лист навел дека поседува недвижен имот од 80 квадрати во Блеклик, Охајо – Америка и 120 илјади евра недвижен имот во Македонија.

Веле Самак пријавил трособен стан од половина милион долари во Белеву, Вашингтон – Америка, како и акции во вредност од 20.457 евра, 200.000 долари во пензиски фонд.

Виктор Мизо поседува стан во Њујорк, Менхетен, со големина од 85 квадратни  метри, во износ од 750.000 долари и заштеда во американската Сити банк од 150.000 долари.

Поранешниот министер за странски инвестиции Бил Павлески тогаш пријавил дека поседува куќа од 329 квадратни метри вредна 250.000 евра во Охрид, куќа од 202 квадрати, од 150.000 евра во Трпејца и акции вредни 550.000 долари.

Џери Наумов, поранешен министер за странски инвестиции во анкетниот лист пријавил имот од околу половина милион евра, но не во САД, иако од таму потекнува.

Никола Попоски, министер за надворешни работи во период од 2011 до 2017 година пријавил дека поседува стан со гаража во Белгија, од 87 квадратни метри, во вредност од 200.000 евра.

Разликата во имотната состојба на министрите со меѓународно професионално искуство и кариера, секој во својот домен и домашните, е евидентна. Првите на функција доаѓаат со богато портфолио и веќе стекната значителна имотна состојба.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ