петок, 25 октомври 2024
Уште една институција со демант на истражувањето на ИРЛ

Министерството за здравство негира дека на Здравствен дом Скопје му исплатило пари за модуларните објекти

Објавено на

часот

Сподели

Ова е апсолутна невистина, потенцираат од Министерството за здравство (МЗ).

„Министерството за здравство и министерот д-р Фатмир Меџити го поддржуваат истражувачкото новинарство, слободата на говорот и јавното мислење бидејќи тоа е одлика на секое слободно и демократско општество какво што е и нашето. Во целост соработувавме и ќе соработуваме со сите институции во врска со судските постапки поврзани со пожарот во Тетово. Во овој контекст, МЗ во целост ги демантира и ги отфрла како невистина наводите кои се шират на социјалните мрежи дека од страна на МЗ има исплатено пари за модуларните објекти на ЗД Скопје. Ова е апсолутна невистина“, истакнуваат од МЗ.

Оттаму, посочуваат дека министерот Меџити со стапување на функцијата во министерството се заложил за откочување на сите постапки, процедури и проекти, кои една година биле заглавени од страна на претходното раководство на министерството.

„Една од постапките беше и изградбата на скопските модуларни амбуланти. Една година претходното раководство на МЗ не дало никаков одговор на компанијата која ги правеше објектите. Во врска со таа постапка, а за да се избегнат судски постапки, за кои отштета би се платила од буџетот, односно од парите на граѓаните, МЗ изготви информација до Владата од каде се чека одговор од неколку институции дали МЗ треба да ги исплати трите направени амбуланти, од планираните 10, со што би се избегнало плаќање на затезни камати и отштета“, велат од Министерството за здравство.

Оттаму нагласуваат дека оваа постапка сè уште не е завршена и од страна на Министерството за здравство самоиницијативно нема исплатено ниту денар за модуларните објекти.

„Министерството работи согласно законот и пред сè ги штити граѓаните и нивните права“, велат од министерството.

По ова реагираа од ИРЛ. Во соопштението до јавност испратено од ПР агенцијата Медиаплан, а кое интегрално го објави МИА, меѓу другото пишува дека втора шанса за правдата има „во уште една обвинителска истрага што се води во Обвинителството за организиран криминал и корупција. Беше најавено дека ова обвинителство ќе ја проверува тендерската документација, но таа истрага е сè уште во фаза на предистрага и не бележи никаков напредок“.

„Истражувачката сторија ‘Убиство во Тетово’ се темели на документација што новинарите ја обезбедија од институциите преку Законот за слободен пристап на информации од јавен карактер, како и материјали доставени од свиркачи од тендерската постапка за градењето на модуларните објекти и од истрагата водена од Основното јавно обвинителство во Тетово. Материјалите содржат 585 документи напишани на 5.455 страници“, пишува во соопштението што интегрално го објави МИА.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ