сабота, 27 јули 2024

Министерството за локална самоуправа со „СРМА“ ги учи општините да наплаќаат данок на имот

Објавено на

часот

Сподели

По алармирањето на некои општини и на Градот Скопје дека немаат целосни бази на податоци на даночни обврзници, Министерството за локална самоуправа (МЛС) иницираше проект чија цел е да се зајакнат капацитетите на општините за мобилизација на ресурсите преку преземање на конкретни активности за подобрување на нивните перформанси за наплата на данокот на имот, пишува во одговорот на министерството на прашање на МКД.мк, што презема МЛС за надминување на проблемот со наплата на данокот на имот.

Од МЛС велат дека за таа цел е формирана посебна работна група со претставници од Министерството за финансии, Министерството за локална самоуправа, Министерството за транспорт и врски, Агенција за катастер и недвижности, Државен завод за ревизија, Комисијата за локална самоуправа на Собранието на Република Северна Македонија, ЗЕЛС, град Скопје и општините Илинден и Тетово.

Работната група ќе предложи подобрување или изработка на нова Методологија за проценка на пазарната вредност на недвижниот имот но и измени на законите и подзаконските акти како и потпишување на меморандум за соработка меѓу надлежните институции и општините. Во рамките на проектот веќе се преземени конкретни активности со кои општините ги ажурираат податоците и значително ја имаат зголемено наплатата на данокот на имот. Резултатот во сите  15 партнер-општини од првата група е забележителен. Сите  ја зголемија стапката на наплата на данокот на имот за 34.5 отсто, со што придонесоа за целокупното зголемување на стапката на наплата од сопствените приходи за околу 25 отсто. Општина Кавадарци наплатата на данок на имот ја зголеми за 100 отсто. Општините Штип, Могила, Дебар, Центар Жупа, Кратово имаат добри резултати во однос на ажурирањето на податоците, а во општина Арачиново се зајакнуваат капацитетитети на организационата единица за администрирање со даноци, со што се исполнети условите за функционалност на општината и во однос на оваа надлежност. Ќе бидат потпишани договори со уште 24 општини кои се вклучуваат во проектот, кој што има за цел да ги опфати сите општини, велат од Министерството за локална самоуправа.

Оттаму не одговорија колкав процент од вкупниот број сопственици на имот во Македонија, плаќаат данок на имот.

Прашњето за наплата на данокот на имот повторно се актуелизираше откако градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска се пожали дека 75  отсто од сопствениците на имотите во Скопје не плаќаат данок на имот затоа што Агенцијата за катастар на недвижности не ни ги дава податоците без пари.

А од Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) за МКД.мк велат дека наводите на Арсовска оти во повеќе наврати побарала од АКН податоци и добила повеќе различни одговори, по што заклучила дека агенцијата не сака да ги даде податоците, не се точни.

„Уште помалку е точно дека тоа го барала 12 месеци. За тоа дека пресметката поминува над 2 милиони евра е шпекулација. Град Скопје нема побарано, ниту добиено, пресметка од страна на АКН, ниту пак информација колку би чинела вкупната сума на бараните податоци. Затоа, сумата со која градоначалничката манипулира е чиста дезинформација, поттикнување на незадоволство и прикривање на сопствените слабости. Она што таа го побарала, во улога на претседател на ЗЕЛС е адресирано до Владата во февруари 2022 година и Агенцијата за катастар на недвижности има одговорено на тоа барање“, велат од Катастар.  

Од Катастар тврдат дека Град Скопје ги има сите потребни информации затоа што, како што велат оттаму, Градот има пристап до Графичкиот регистар на улици и куќни броеви и до дистрибутивниот геопортал, како и пристап до базата со податоци еКат, со договор од 2018 година. 

„Развојот на системите, за подобрување на квалитетот на услугите кои ги нуди АКН, овозможување и размена на високо квалитетни и ажурни дигитални податоци и сервиси на национално и регионално ниво, па затоа Агенцијата тоа го финансира од сопствени приходи. За да излезе во пресрет на потребите на локалната самоуправа, Владата заедно со Агенцијата ги намалија цените на 20 денари по податок за секоја недвижност. Тоа во проценти изнесува 60 отсто намалување на сумата која се наплаќа за овие податоци. Математика е лесно да се направи за вкупно 416.677 парцели и делови од згради чија цена по индикација е 20 денари. Или, сите 51.209 имотни листови општината може да ги добие за 210 денари по примерок. Сепак, Град Скопје се одлучил да добие „список“ на готово, а уште повеќе да ја бара вината не кај себе, туку кај сите други“, велат за МКД.мк од Агенцијата за катастар на недвижности.

Претходно, градоначалникот на Кисела Вода и претседател на Заедницата на единици на локалната самоуправа (ЗЕЛС), Орце Ѓорѓиевски праша зошто обврската за плаќање важи само за некои, а не за сите институции.

„Катастарот е должен еднаш годишно да ги вкрстува податоците со општините и таа услуга се плаќа. Но прашањето е зошто општините мора да плаќаат а некои институции, како што е Централниот регистар, на пример, не плаќаат за оваа услуга. Ние како ЗЕЛС неколку пати сме испратиле допис до Владата по ова прашање “, вели за МКД.мк, Ѓорѓиевски.

Според истражувањето на Граѓанскиот центар за комуникации од 2021 година, гледано на ниво на општини, просечната годишна вредност на наплатениот данок на имот се движи од 141.613.965 денари (2,3 милиони евра) во Општина Центар, до нула денари во Арачиново, каде воопшто и не издаваат решенија за наплата на данок на имот со образложение дека немаат база на податоци на даночни обврзници, ниту даночно одделение.

Само 7 општини имаат просечни годишни приходи од данок на имот кои се поголеми од 1 милион евра, а во дури 36 општини овие приходи се помали од 50.000 евра.

Десетте градски скопски општини заедно, прибираат просечно годишно по 627 милиони денари, односно 10 милиони евра. Ова значи дека половина од вкупниот данок на имот во земјава се прибира во Скопје. Скопските општини ги делат приходите од данокот на имот со Градот Скопје, согласно донесените одлуки за утврдување на стапките на даноците на имот.

 

Фото: П.Џ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ