Обврзниците за денационализација, како што се наведува во соопштението на министерството, се хартии од вредност кои ги издава Министерството за финансии, во евровалута, а гласат на име и се неограничено преносливи. Номиналната вредност и каматата од 2 отсто годишно на имателите на обврзници се исплаќа еднаш во годината во период од 10 години, односно на 10 еднакви рати, а за оваа емисија исплатата ќе започне од 1 јуни 2025 година. Имателите на обврзницата може истата да ја материјализираат, односно со неа може да тргуваат на секундарниот пазар на Македонската берза.
„Согласно Законот за издавање на обврзници на Република Македонија за денационализација, Министерството за финансии, почнувајќи од 2002 година, еднаш годишно врши емисија на обврзници за денационализација, а Владата со одлука го утврдува износот на обврзниците за денационализација коишто се издаваат. Државата досега има издадено 22 емисии на обврзници за денационализација на износ од 397 милиони евра“, се наведува во соопштението.