среда, 15 јануари 2025

Министерство за економија и труд вели дека лани во декември граѓаните заштедиле поради новогодишната кошница

Министерството за економија и труд информира дека денеска завршува акцијата новогодишна кошница, која почна да се спроведува од 15 декември 2024 година. Новогодишната кошница беше креирана на предлог на бизнисот со поддршка на Министерството за економија и труд.

Објавено на

часот

Сподели

„Главната цел на новогодишната кошница која беше креирана од бизнисот, односно производителите, дистрибутерите и трговците, беше да се креира поширока листа на одделни прехранбени производи кои што се ставија со намалени цени на рафтовите. Со неа се спречи зголемување на цените пред и за новогодишните и божиќните празници и се одржа стабилно ниво на инфлацијата во декември 2024 и јануари 2025 година, за време на новогодишните и божиќните празници кога има зголемена потрошувачка“, стои во соопштението.

На листата на производи, како што е објавено и на веб-страната „Моја кошница“ што Министерството за економија и труд ја креираше токму за оваа акција се вклучија 1178 производи од 96 производители и дистрибутери, се вклучија 51 маркети, а акцијата се применуваше во 762 продажно место.

„Ако ги согледаме овие бројки сметам дека акцијата новогодишна кошница беше успешна и придонесе за намалување на цените на производите кои што беа вклучени во неа. Според Државниот завод за статистика од податоците за Индекси на трошоците на животот и на цените на мало за декември се забележува дека инфлацијата во 2024 година споредено со 2023 година изнесува 3,5 отсто, како што беше и проектирано. На месечно ниво пак во декември 2024, споредено со ноември 2024 година инфлацијата изнесува 0,3 отсто. Податоците на статистика покажуваат дека во декември 2024 година во однос на ноември 2024 година намалувањето на трошоците за живот кај храна и безалкохолни пијалоци изнесува -0,3 отсто“, се вели во соопштението од Министерството за економија и труд.

Ова, како што наведуваат, покажува дека новогодишната кошница каде беа вклучени во најголем дел прехранбени и безалкохолни пијалоци го дала својот ефект и цените на храната и пијалоците во декември 2024 година бележат намалување во однос на ноември 2024 година.

„Се очекува и во статистичките податоци за јануари 2025 година во однос на декември 2024 година да се потврдат ефектите од новогодишната кошница, односно да се оствари дополнително намалување на трошоците за живот кај храна и безалкохолни пијалоци. Благодарност до сите производители, дистрибутери и трговци кои се приклучија и учествуваа во оваа акција и ги намалија цените на прехранбените производи и на дел од пијалоците за време на новогодишните и божиќните празници“, се наведува во соопштението.

Министерството за економија и труд во наредниот период најавува дека ќе продолжи да креира мерки и политики кои ќе значат заштита на стандардот на граѓаните.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ