Избраниците на Раде Стојановиќ одличниот настап го завршија со херојска победа над силната Франција. Министерот за спорт ја прими ракометната делегација и го поздрави успехот.
„Денес имав чест и задоволство да ја пречекам младинската машка ракометна репрезентација на Македонија, која на младинското европско ракометно првенство заврши на одличното 9-то место.
Горди сме на нашите млади спортисти и нивниот успех, кој е резултат на напорната работа, посветеност и тимска игра.
Честитки момци, продолжете да го следите вашиот пат кон успехот и да го носите македонското знаме со гордост“, рече Борко Ристовски.
Претседателот на РФМ, г. Живко Мукаетов упати голема благодарност за севкупниот учинок на ова првенство на ракометните надежи и стручниот штаб истакнувајќи дека приоритетите на РФМ ќе останат со истиот фокус: системското работење со сите младински репрезентативни категории, за достојно претставување на македонскиот ракомет и создавање идни македонски ракометни репрезентативци.