„Доколку тој неодговорен договор биде одобрен и спроведен, партијата Еврејска моќ повеќе нема да биде дел од владата“, изјави Бен Гвир на прес-конференција во Ерусалим.
Сепак, тој додаде дека партијата под негово раководство нема да го собори премиерот Бенјамин Нетанјаху и нема да дејствува со левицата против владата.
„За ослободување на заложниците треба целосно да се прекине хуманитарната помош испратена во Газа. Само под таков услов Хамас ќе ги ослободи нашите заложници без да ја загрози безбедноста на Израел“, рече тој.
По повеќе од 15 месеци војна што го опустоши Појасот Газа, израелската влада треба да се состане утре за да гласа за договорот за прекин на огнот со палестинскиот исламистички Хамас посредуван од Катар со помош на САД и Египет.
Договорот во три фази предвидува, во првата фаза, ослободување на 33 заложници киднапирани за време на нападот на Хамас со кој започна војната на 7 октомври 2023 година, во замена за стотиците Палестинци држени во Израел.
„Ако војната против Хамас продолжи енергично со цел да се постигнат целите на војната кои не се постигнати, ние ќе се вратиме во владата“, рече Бен Гвир. Тој го повика министерот за финансии Безалел Смотрич, исто така од екстремната десница и противник на договорот, да ја напушти владата како него.
Партијата на Смотрич денеска соопшти дека очекува да остане во владата и во првата фаза од договорот, но дека ќе ја напушти доколку војната не продолжи по тие 42 дена.
Сепак, Нетанјаху е уверен дека ќе има мнозинство гласови во неговиот кабинет за договор за прекин на огнот.