петок, 18 октомври 2024

Министерот за одбрана на БиХ: Влегуваме во НАТО, Република Српска тоа нема да може да го блокира

Објавено на

часот

Сподели

Хелез во интервју за сараевско Ослобоџење кажа дека во НАТО постои цврста одлука дека БиХ треба да стане членка.

„Луѓето од НАТО се спремни да помогнат БиХ што побрзо да се прими во Алијансата. Нема многу да се прашуваат овие политичари кои влечат на страна, кои имаат негативна реторика. Тие можат само да зборуваат, а ние ја работиме својата работа и БиХ ќе биде членка на НАТО“, кажа Хелез.

Додаде дека новата власт во БиХ е спремна да го јакне одбранбениот сектор, а како доказ кажа дека за првпат по повеќе години во буџетот за 2023 е предвидено зголемување на трошоците за војската во износ од околу 45 милиони евра.

На зголемувањето на трошоците за одбрана до сега остро се противеа политичарите од Република Српска, а претседателот на тој ентитет Милорад Додик е најгласен противник на секое приближување на БиХ на членство во НАТО.

БиХ во моментов има статус на држава на која ѝ е одобрен Акцискиот план за членство во западниот воен пакт, но освен обврската за поднесување на годишните планови на реформите и нивното спроведување, не е поставена никаква временска рамка во која тоа би довело до полноправно членство.

Додик инсистира дека БиХ мора да остане воено неутрална, а евентуалното членство во НАТО му е прифатливо само ако на тоа се одлучи и Србија.

На можното членство на БиХ во НАТО од почетокот на конфликтот во Украина отворено се противи и Русија, чиј амбасадор во Сараево Игор Калабухов претходно се закани дека во тој случај Москва би посегнала по соодветни контрамерки.

Коментирајќи ја претходно неделава новата надворешнополитичка стратегија на Русија, која претседателот Владимир Путин ја одобри на крајот на март, Калабухов кажа дека Москва и понатаму ја смета БиХ за „пријателска земја“ со повик на јакнење на врските и односите меѓу двете држави.

Но истовремено истакна дека Москва има право да презема „симетрични и асиметрични мерки како одговор на непријателските акции против Русија“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ