Во изјава за МКД.мк Шаќири нагласува дека соопштението што беше дадено од страна на Министерството за образование и наука за одработување на двете среди се однесува само на основните училишта, а не и на средните, односно дека станува збор за одредби од Законот за основно образование според кои наставата се одвива во 180 работни денови.
„Моравме да реагираме со соопштението во кое беше наведено дека двата дена кога се спроведуваат изборите ќе бидат одработени на 18 мај (сабота) и 1 јуни (сабота), имајќи го предвид законот. Имавме во вид дека во спротивно директорите можеа да бидат во ризик да им бидат изречени казни од просветните инспектори заради неостварување на наставниот план. Но, секако, треба да се има предвид и одлуката на Владата која се однесува на сите граѓани. Затоа јас ќе ја брифирам Владата и верувам дека заедно ќе можеме да изнајдеме соодветно претходно решение врз кое ќе може да се базира нова одлука со која ќе се испочитува владиното соопштение според кое двете среди се неработни без одработување во саботи. Можности, верувам, постојат, имаме искуства со соодветна ‘компензација’ на загубени денови по примерот на практични решенија од времето на ковид-кризата или од други случаеви“, ни изјави министерот.
Притоа, тој го повика наставниот кадар и родителите на децата ученици на трпение, затоа што, како што нагласи, има доволно време.
За потсетување, на 16 април министерството ги извести училиштата дека двете среди кога ќе се спроведуваат изборите, ќе бидат неработни, но два дена потоа следуваше нов допис за одработување на тие денови во саботи, додека за училиштата во Скопје беше наведено дека ќе го одработуваат и 30 ноември, денот на Министерскиот совет на ОБСЕ што беше одржан во Скопје, а за кој исто така ќе се бара решение во склоп на претходна одлука донесена во Владата.
П.Џ.