сабота, 27 јули 2024

Министерот Тошковски од грчката амбасадорка не добил надежна изјава за пасошите

Новиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски за денешната средба со амбасадорката на Грција Софија Филипиду не добил надежна изјава дека ќе може и по истекот на рокот идниот месец да се користат пасошите со старото уставно име Република Македонија. За таа средба тој утрово извести наведувајќи дека предложил мерки во однос на проблемот со пасошите.

Објавено на

часот

Сподели

Во гостување на телевизија Сител, на прашањето дали ќе може да се продложи рокот на личните документи и дали го побарал тоа на денешната средба со грчката амбасадорка Софија Филипиду, министерот Тошковски рече дека амбасадорката му рекла дека од нашите институции во повеќе наврати ѝ било навестено дека нема да го има проблемот што го имаме, поради тоа што веќе се издадени 1.250 000 патни исправи.

Тој рече дека на средбата била побарана можност да се најде и друг начин во наредниот временски период да се спречи да бидат заробени граѓаните што нема да успеат да добијат нови патни исправи, но вели, искрено, не се надева на такво нешто.

Според него, актуелната проблематична ситуација со новите документи може да се подобри, како во делот на фотографирањето на граѓаните во однос на еден од првите чекори за издавање на патните исправи, така и во делот на издавањето.

„Веќе дадов соодветни наредби да се повлечат одреден број луѓе од други сектори каде што нема таква потреба, таков хаос и нема таква нужност од постапување, и да се прераспределат во овој дел каде што е алармантна ситуацијата“, рече Тошковски.

Нагласи дека луѓето што ќе бидат прераспределени, ќе треба да поминат соодветна обука од најмалку 7 – 8 дена за да можат да бидат поставени на тие позиции и да се олесни процесот.

Според него, човечкиот потенцијал што го имало Министерството не бил распределен соодветно, а луѓето кои работат во овој сектор, како што вели, биле праќани по казна на спроведување на овие управни постапки.

„Проблемот е овде што не се приоѓа кон проблемите со основната цел, да се решат, туку едноставно стихијно бил оставен системот да функционира како што функционирал. Алармантна е ситуацијата, верувајте ми. Проблемот кај пасошите не е само во фотографирањето и во издавањето, најголемиот проблем е во планирањето. Нам ни требаат некаде најмалку отприлика уште толку пасоши колку што се издадени. Кога го планирале процесот, не го планирале според бројот на државјаните на Република Македонија, туку според бројот на ефективно присутните во Република Македонија. Прва катастрофална грешка. Многу доцна влегле во процесот на реализација на самиот Договор. И сега од позиција на амбасадор на својата држава нормално дека ќе инсистира на почитување на одредбите од Договорот“, вели Тошковски.

Во однос на обрасците за пасошите рече дека проблемот не е со добавувачот, туку во лошото планирање, денеска пристигнале 50.000, а очекува до крајот на овој месец уште 250.000 обрасци. Со досегашното ниво на изработка од 50.000 пасоши месечно, според него, и да се зголеми оваа бројка, за да се задоволат барањата на уште околу милион граѓани ќе биде потребна една година. Најави дека на крајот на јуни или јули, треба да стигне поголема количина на обрасци со кои треба да се задоволи останатиот дел од потребата за процесот.

„Граѓаните да не очекуваат дека ние имаме магично стапче. Јас чуда не можам да направам, ниту луѓето кои се таму со мене, но можат да дадат се од себе и да одат на работа по 14 – 18 часа ако треба за да подобрат нешто, да осетат граѓаните дека навистина има надеж, дека ќе одиме кон подобро. Но нема теорија процесот да заврши до 12 февруари“, вели Тошковски.

Тој нагласи дека сегашната комуникација со заменикот министер и со дополнителниот министер е коректна, очекува да биде комукацијата каква доликува на таква институција а со цел да се обезбедат услови за фер и демократски избори.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ