сабота, 27 јули 2024

Министерот Тошковски објави дека е уапсена аналитичарка од СВР Скопје

Овластена службеничка, вработена во МВР, вчера е фатена на лице место со над 10 илјади евра од извршено кривично дело – измама, објави преку Фејсбук техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој наведе дека станува збор за И.М. , виша аналитичарка во СВР Скопје која е лишена од слобода под сомневање за сторени кривични дела измама, предвидени по чл. 247 од КЗ.

Објавено на

часот

Сподели

„Од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во координација со Одделот за криминалистичка полиција се постапуваше по пријава од три оштетени лица и на ден 17.05.2024 година наведеното лице е фатено на лице место во моментот на примопредавање на 12 500 евра, претходно криминалистички обработени кои ги прибавила за наводно посредување за добивање на социјални станови од Б категорија“, наведува министерот.

Во врска со кривичното дело бил извршен претрес во службените простории кои, како што наведува тој понатаму, ги користела пријавената при што е пронајдена пообемна сомнителна документација која е поврзана со кривичното дело во вид на разни документи за кои постои сомневање дека се фалсификувани, разни договори за позајмици, договори за посредување за доделување на социјални станови, имотни листови, како и тефтер со ракопис во кој е водена евиденција за лица за кои биле вршени определени работи.

„При извршен претрес во дом и други простории кои ги користи лицето И.М. лоцирани во Општина Сарај, беше пронајдено и огнено оружје со шест парчиња муниција кое оружје и муниција најверојатно ги поседува без дозвола, за што известено е и Одделението за недозволена трговија со оружје при СВР Скопје заради преземање на дополнителни мерки.

МВР и понатаму продолжува со преземање на мерки и активности насочени кон испитување на евентуална поврзаност на наведеното лице со други високи полициски службеници“, информира Тошковски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ