петок, 18 октомври 2024

Министерот Османи повика да се даваат предлози за уставните измени

Објавено на

часот

Сподели

„Мене ми е многу важно луѓето така да го гледаат овој процес. Како можност да се внесат и тие со нивните ставови. Меѓутоа, се разбира треба да биде во рамките на тоа што е утврдено во преговарачката рамка и во протоколот потпишан со Бугарија. И да се има предвид, дали тие предлози ќе го зголемат консензусот, или ќе го намалат. Ако го намалат, веројатно тогаш нема да помогнат на процесот“, изјави Османи во одговори на новинарско прашање дали и каква можност постои за дополнување на веќе предложените уставни амандмани.

Според Османи, токму сега е време да се разговара и да почне јавната дебата „за“ или „против“ предложените уставни измени.

„Мислам дека се уште не се спуштаме на тој терен.  Се уште политизираме, се уште држиме партиски ставови, калкулираме за избори, место некои, дури и тие што се против, да излезат и да кажат: „јас сум против таа реченица, против тој збор, против таа запирка, сметам дека треба да се додаде уште нешто“… Тоа го очекуваат граѓаните. Тоа би било суштински придонес, дури и ако сте против. Меѓутоа, кога не влегувате на таа дебата, затоа што веројатно немате аргументи зошто сте против и целото тоа го политизирате, партизирате и го сведувате на политиканство од најнизок тип, тоа не е фер кон граѓаните. Сепак ова е важен процес“, нагласи министерот. 

На прашање има ли шанси повторно да се седне со опозицијата да се разговара околу промените на Уставот, Османи рече дека неприфаќањето на овие измени од страна на опозицијата не е фер кон граѓаните и веќе е политиканство и обид на опозицијата да се добие политички поен повеќе. Тоа, според него, е несериозен пристап, кон толку сериозно прашање. 

„И затоа ние мораме да бараме и алтернативни начини. Ќе работиме до последен ден за да постигнеме консензус со опозицијата. До последна секунда. Меѓутоа, нема да пропуштиме еден ден, да работиме и со пратениците, бидејќи очигледно ако сте разговарале со нив ќе видите дека повеќето се свесни за товарот што им се става, да бидат кочничари на европската иднина. Да бидат тие, коишто ќе ги натераат луѓето да си заминат надвор, да бидат тие коишто ќе ја изолираат земјата“, нагласи Османи. 

Тој појасни дека алтернативните начини подразбираат разговори со пратениците коишто се повеќе стануваат гласни, дека нема да дозволат нивното име да биде запишано во историјата меѓу луѓето што ја изолирале земјата и ја одземале нејзината европска иднина. Затоа што, како што додаде, секое семејство што ќе ја напушти државата, ќе биде нивен грев.

Запрашан околу идејата на Министерството за правда за внесување на националната припадност во матичните книги, Османи рече дека смета оти се прави со цел да се избегнат злоупотребите, пред сѐ при вработувањата, бидејќи граѓани се декларираат со поинаква етничка припадност, посебно како припадници на помалите етнички заедници, за да влезат во квотите за малцинските заедници.

„Не мислам дека има лоша намера зад предлогот, туку е со цел заштита на помалите заедници од оваа злоупотреба“, додаде Османи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ