сабота, 27 јули 2024
Решение на проблемите на вештаците или манипулација со вештачењата?

Министерот Лога незаконски ја основа Комората на вештаци, вели д-р Станков

Комората на вештаци по седум години повторно е активна, откако министерот за правда Кренар Лога основа 18 професионални одделенија, а пред неколку дена се одржа основачко собрание, на кое за претседател едногласно беше избран Виктор Исјановски. Со донесувањето на новиот Закон за вештачење обврска на Министерството за правда беше да ги избере раководителите и заменик-раководителите на професионалните одделенија и по еден член од секое одделение како претставник во Основачкото собрание на Комората. За Министерството за правда овој чекор значи решавање на проблемите на вештаците, а за Институтот за судска медицина и криминалистика ова е недоверба во вештите лица. Директорот на Институтот, Александар Станков, за МКД.мк вели „Министерството за правда, кое треба да биде пример за почитување на законот, го крши законот што самите го донеле“.

Објавено на

часот

Сподели

„Како да им веруваме на вештите лица што се во раководните структури на Комората дека ќе ги штитат интересите и правата на вештаците и ќе се грижат за квалитетот на вештачењата кога тие вешти лица се поставени од страна на Министерството на незаконит начин и тие вешти лица се согласиле со кршење на законот. Цело време се зборува за правна држава, членство во ЕУ, а во исто време Министерството за правда, кое треба да биде пример за почитување на законот, го крши законот што самите го донеле.“

„Конкретно прекршени се член 65 ст 1 и 2 и член 66 ст 1 од законот за вештачење, каде што се вели дека одделенијата треба да бидат формирани во рок од два месеци, а според моите информации одреден број вешти лица што се поставени за раководители на одделенија немаат доставено лични податоци во рок од 30 дена како што стои во член 65 ст 1. Министерот за правда со службена белешка бил информиран за овој проблем, меѓутоа тоа било игнорирано. Во членот 66 ст 1 се вели дека основачко собрание на Комората се свикува во рок од три месеци од донесувањето на овој закон. Законот е влезен во сила на 28 јули 2023 година, а одделенијата и Комората се формирани во јануари и април оваа година. Во законот стои дека раководителите на одделенијата се членови на управниот одбор, а членството е поврзано со паричен надомест. Не можам да бидам сигурен, но би требало да се провери дали ова е можно во тек на избори. Прекршен е и член 8, каде што се вели дека областите на вештачење се донесуваат со акт на Комората, а од страна на Министерството се формирани одделенија врз основа на областите на вештачење“, вели за МКД.мк д-р Станков.

Новиот Закон за вештачење е стапен во сила на 20 јули, 2023 година, а во членот 65 став 2 стои дека Министерството за правда во рок од два месеци од денот на влегување во сила на овој закон ќе ги избере раководителите и заменик-раководителите на професионалните одделенија на Комората, ќе ги избере раководителите и раководителите на професионалните одделенија и ќе се избере по еден член од секое професионално одделение како претставник во Основачкото собрание на Комората.

Министерството за правда ги основаше првите професионални одделенија на Комората за вештаци во февруари годинава, па МКД.мк се обрати до нив и ги праша дали го прекршиле членот 65 став 2 од Законот за вештачење и Комората на вештаци е ставена во функција без да се испочитува рокот, на што добивме одговор дека објективниот рок претставува апсолутен временски период во кој може да се преземе одредено процесно дејство.

„Објективниот рок претставува апсолутен временски период во кој може да се преземе одредено процесно дејство. Откако Собранието на Комората на вештаци не успеа да избере претседател на Комората во 2016 година, органите на Комората на вештаци беа згаснати во последните 8 години. Во минатото имаше лошо искуство, повеќе обиди и напори да се формира Комората на вештаци, но заврши без успех. Како резултат на тоа, Министерството за правда беше соочено со посебно отежнати околности при изборот на раководителите на одделенија и нивните заменици затоа што немаше јасен увид и претстава за подготвувањата на вештачења од страна на вештите лица, нивниот углед, стручност, ефикасност, професионалност, одговорност, законитост, совесност, како и нивното претставување и однесување во судските постапки. Затоа и од тие причини по подолг временски период сите претседатели на одделенијата и нивните заменици беа внимателно проверени, за да не биде спорно нивното назначување со што би го нарушиле угледот на Комората на вештаци како претставници на одредено професионално одделение. Сите избрани претседатели на професионалните одделенија и нивните заменици се стручни лица кои се именувани од редот на вештите лица од соодветната област кои имаат валидна лиценца за вештачење и уредно пријавени. Функционалноста на Комората за вештаци е загарантирана со закон и ќе зависи само од нив“, стои во одговорот од Министерството за правда до МКД.мк.

Но, во врска со рокот за избор на професионални одделенија и основање на Комората на вештаци, д-р Станков е дециден и за него објективниот рок произлегува од рокот што е пропишан со закон.

„Што се однесува на рокот според моите скромни познавања од правото постојат субјективен и објективен рок. Објективниот рок произлегува од рокот што е пропишан во законот. Кога во еден закон постои конкретен временски рок, не можете тоа да го игнорирате и на своја рака да донесувате одлуки што примарно се противзаконски и може да имаат далекусежни последици врз функционирањето на Комората. Целта на донесувањето нов закон беше да профункционира Комората за вешти лица. Во никој случај оваа Комора не може да профункционира кога е донесена на начин со кршење на законот. Законот не е доработен, донесен е нетранспарентно, а постојат членови на законот што се недоречени и противречни. Мора да се пристапи кон процес на поправање на овој закон и законски да се формира Комората доколку сакаме вештачењата да не бидат ризик број еден за корупција, како што е наведено во истражувањето од ОБСЕ во 2023 година, каде што за судиите и обвинителите број еден ризик за корупција се вештачењата. При вршењето на вештачењето вештаците се должни да се придржуваат кон следниве начела: независност, законитост, стручност, чесност, непристрасност, професионалност, самостојност, економичност, одговорност, совесност, ефикасност и еднаквост“, вели д-р Станков и додава дека тој и неговиот тим нема да учествуваат во работата на Комората на вештаци.

Законот за вештачење го уредува вршењето на вештачењето, условите и начинот на вршењето на вештачењето, субјектите што вршат вештачење, условите и постапката за полагање испит за вештак, условите за издавање, престанок или за одземање лиценца за вештачење, награда и надоместок на трошоците за извршеното вештачење, основањето, надлежноста, организацијата и работењето на Комората за вештаци и другите органи на управување, посебна постапка за стекнување лиценца за вештачење, како и други прашања од значење за судските вештачења и супервештачења.

Комората е самостојна и професионална институција на вештаци здружени заради заштита и унапредување на стручноста, етичките должности и права, за подобрување на квалитетот на вештачењето, за следење на односот на вештаците кон општеството и кон граѓаните, како и заради заштита на вештаците.

Професионалните одделенија за вештачење кои ги основа Министерството за правда се од областа на архитектурата, криминалистика и криминологија, геодезија, градежништво, електротехника, земјоделство, информатички технологии, материјално, сметководствено и финансиско работење, машинство, психијатрија, шумарство, општа хирургија, ортопедија и трауматологија, сообраќај, судска медицина, интелектуална сопственост, безбедност и здравје при работа и професионално одделение од областа на други области.

Комората за вештаци беше неактивна 7 години, поради што не можеше да се врши функцијата поради која е основана, а тоа е заштита на вештаците, но и подобрување на квалитетот на вештачењата. За повторно да се активира, требаше да се изберат нови членови, бидејќи во јуни 2017 истече мандатот на претседателот на Комората, членовите на управниот одбор и на другите органи од Комората.

Со формирањето на Комората, како што велат од Министерството за правда, се очекува да се подобри квалитетот на вештачењето, заштитата и унапредувањето на стручноста, следење на односот на вештаците кон општеството и граѓаните.

Но Институтот за судска медицина и криминалистика не го дели овој став бидејќи за судските вештаци основањето на Комората на вештаци на овој начин значи манипулација со вештаците, а не спроведување на законите.

К. Додевска 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ