сабота, 26 октомври 2024
Костадиновска Стојчевска во посета на Лешок

Министерката за култура ветува повеќе пари и нови кадри за заштита на културното наследство

Објавено на

часот

Сподели

Досега не беше дозволено повеќегодишно финансирање, па сега се менува Законот за заштита на културно наследство исто и Стратегијата за заштита, со што, според министерката ќе се овозможи повеќегодишно финансирање од областа на заштитата.

„Проекти како овие навистина ни покажуваат дека треба да имаме сѐ повеќе вложувања во областа на културата и еве можеби ова ќе биде еден апел за да имаме што повисоки буџети во Министерството за култура. Меѓутоа досега законот не дозволуваше повеќегодишно финансирање. Ние не само за оваа работа за работите во црквата, во внатрешноста, туку и за реконструкцијата на конаците, ќе направиме правно да биде издржано повеќегодишно финансирање преку информација до Владата за да бидеме сигурни дека овие работи ќе бидат постојано на приоритетна листа на институцијата и дека ќе се завршат. Кога ќе се осигураат и финансиите, кога ќе се осигура и правната рамка, тоа значи дека работата е веќе пола завршена“, изјави Костадиновска-Стојчевска

Конзерваторот Владо Мукоски посочи дека покрај трослојното сликарство од пред некој ден, деновиве има и нови откритија во олтарот. Тој потенцираше дека токму поради вакви нови работи кои конзерваторите ги наоѓаат особено е важно да имаат подобри услови за работа.

„Откриевме архијереј, наверојатно станува збор за Кирил Александриски, допрва историчарите ќе имаат доста работа за да го констатираат периодот од кога датира ова сликарство. За секој случај станува збор за старо и вредно сликарство. Самиот тим работеше макотрпно на раслојување на сите слоеви и успеа да ги сочува и живописот, што е реткост во светски рамки. Разговаравме за долгогодишно финансирање на вакви работи и поддржување на овие работи. Затоа што е ова деликатна работа и бара континуитет. И министерката се увери во самиот наш потфат и успех и се надеваме дека ќе имаме големи резултати. Тука сме неколку години. Не очекувавме, не може да се претпостави со што ќе се соочите наредната година, сите овие откритија фрлаат друга динамика на работите, ги менуваат, не може да се предвидат овие откритија. Ова сега што сега е откриено, бара едно друго темпо, долгорочно темпо на работа и една соодветна презентација“, посочи Мукоски од Националниот конзерваторски центар.

Конзерваторите кои работат на реставрација на фрескоживопис стари повеќе векови веќе подолго време апелираат дека имаат многу малку колеги и има потреба од повеќе луѓе затоа што има огромен број на објекти.

„Она што ние го работевме од минатата година е тоа што одредени студиски групи како историчари на уметноста, етнолози, археолози, ги ставивме на листата на стипендирање, односно го намаливме просекот за да можат да имаат право да примаат стипендија. Знаеме дека сега платите во култура се навистина на многу солидно ниво, се надеваме дека ќе станеме порепрезентативни, но работиме на механизам како да ги обезбедиме тие дефицитарни кадри преку државно стипендирање со тоа што ќе овозможиме тие студенти од прва година веќе да влезат во институциите во кои треба да работат“, истакна Костадиновска-Стојчевска.

Таа вели дека веќе се разговарала со деканите на соодветните факултети, како Филозофски, Градежен, Архитектура и Ликовна академија, па ќе има и конкретни прилики за студентите.

„Веќе ќе воспоставиме соработка за да можеме да ги поврземе заедно студентите со институциите и да можеме тоа да го ставиме на хартија, да го потпишеме овој договор за соработка. Јас сметам дека студентите треба од прва година да влегуваат во самите институции каде што ќе работат за да се запознаат со работата која што во иднина би ја работеле. Воведуваме оваа година и пракса, како летни школи и постојано имаме тесна соработка со универзитетите и ги носиме на баш, каде што има вакви откритија да видат и сами за да можат да станат и факултетите по привлечни“, истакна министерката Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура беше пречекана од митрополитот г. Јосиф, кој изрази надеж дека ќе се реализираат ветувањата бидејќи станува збор за исклучително културно и духовно наследство кое е пронајдено.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ